Во Домот на култура „Билјана Беличанец“ во скопската населба Кисела Вода денеска во 17 часот ќе се одржи промоција на сликовницата „Другарка, Другарко и две маченца“ од авторот Денис Јанкуловски-Космонаутко, со илустрации на Наташа Костовска, издание на „Прозарт медиа“. На инклузивната промоција ќе настапат; Мијата, Космонаутко и славејчињата, Беира Беки Салифоска и Леон Мемиш Апостоловски, а авторот Јанкуловски и илустраторката Костовска накратко ќе ја претстават сликовницата.
– Ова е една од ретките сликовници кај нас којашто се занимава со децата со нетипичен развој. Како своевидно продолжение на сликовницата „Другарко“, во оваа главен лик е Другарка, на која ù се придружуваат Другарко и двете мачиња, Рони и Бони. Кога сите заедно ќе се здружат, тие патуваат во нови светови полни со љубов, разбирање и другарство. А како патуваат? Пааа – со фантазмобилот! Ве покануваме на патување заедно со Другарка и нејзините другари, но и да научите нови зборови од прекрасниот јазик на Другарка – велат од „Прозарт медиа“.
Објавувањето на „Другарка, Другарко и две маченца“ е поддржано од „Зегин“, „Шпаркасе банка“, Министерството за култура и туризам, „Сити флауерс“ и „Дата понс“. Промоцијата се организира во соработка со Дом на култура „Билјана Беличанец“.





