„Растенија без корен“ е насловот на деби-албумот на,акедонската кантавторка Дина Јашари. Содржи девет песни, снимени во различен период од изминативе три години, на различни локации со различни луѓе.
– Не можам да го сместам во никаква жанровска кутија, тој е шарен, жив и искрен. Кога за првпат ги напишав насловите на песните и ги наредив – одеднаш сè ми имаше смисла. Секоја песна има своја приказна. Овој пат направив простор да влезат повеќе луѓе во процесот на креирање, што за мене беше нешто ново, а на крај се покажа дека го имам совршениот тим од луѓе кои ги правеа снимачките сесии волшебни – вели младата пејачка.
На албумот соработуваат нејзините долгогодишни музички соработници: Лука Тошев (гитара), Драган Теодосиев (тапани), Андреа Мирческа(бас), и Драги Иванов (микс). Јашари е авторка на музиката и текстовите, а аранжманите и продукцискиот пристап ги градела внимателно, комбинирајќи акустични изведби со електронски елементи.
Дел од песните, „Растенија без корен“, „Морето ме тера да мислам“ и „Работи што немаат смисла“ се снимени во студиото „Алшар“ со Ивица Јанкуловски. Особено е впечатлив дуетот „Кревка“, во кој Јашари соработува со познатиот кантавтор Пијан Славеј (Фолтин), композиторот Дуке Бојаџиев и гитаристот Лука Тошев.
Визуелниот идентитет на албумот го потпишуваат фотографката Александра Костадиновска и стилистката Сара Стојчевска. Албумот е придружен со девет визуализации и текстови, достапни на YouTube, а музиката може да се слуша на Spotify и сите останати дигитални платформи.
Насловна фотографија: Александра Костадиновска





