Сликовницата „Битолскиот клавир Петко“ на авторката Елена Наумовски ќе биде промовирана в понеделник (19 часот) во книжарницата Book’s House во Битола. Илустрациите се дело на Мирјана Бубевска. Нејзиниот автентичен стил ги оживува бајките носејќи на ,,сцена“ ликови во кои ќе се вљубите на прв поглед. Авторката и илустраторката најавуваат дека ова е само почеток – планот е да се создадат сликовници за сите градови во земјата, за на младите генерации да им се пренесе културата и историјата на Македонија.

Елена Наумовски
Приказната го следи клавирот Петко (комичен и допадлив лик за најмладата публика). Петко се раѓа во Париз, но поминувајќи низ многу премрежја и животни судбини, патува до Истанбул, а потоа пристигнува во градот на магнолијата – некогаш и градот на клавирите. Но, еден ден, во Битола ги одземаат сите „клавири“…
-Да ги вратиме ,,клавирите“, вели авторката Елена Наумовски.
Таа зад себе има две збирки поезија и еден роман (коавторство со Владимир Ивановски – Дади), а моментално работи на сценарио за игран филм во соработка со режисерот Антонио Митрикески, корежисерот Омер Зекировски и директорот на фотографија, Беби Зекировски. Неофицијално, во проектот е вклучен и актерот и шоумен Игор Џамбазов. Како и сликовницата, и филмот ќе ја има Битола како главна сцена.
„Имаме што да кажеме за овој град. Но, дали ќе нè слушнат? Ова е апел за поддршка на македонските автори, уметници, филмаџии и промоција на нашата историја, културно наследство и традиција “ додава Наумовски.
Најмладата публика ќе може да ужива во друштво на кловнот Заги и во креативна детска работилница со уметничкото ателје Ankica Adams Art.
Настанот е во рамките на Бит Фест (Битолско културно лето е поддржан од Општина Битола, како и неколку општествено-одговорни компании кои веруваат дека уметноста, културата и урбаниот крик.





