Осум збирки се издвоија во потесен круг за наградата „Антево перо“ за необјавен поетски ракопис на македонски јазик, а ја доделува Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски „Антево перо“. Станува збор за: „Кој ги пали сите ѕвезди“ на Мимоза Рајл, „Пу, пу не важи“ на Емељ Туна, „Каде се пресоблекува непостојаниот збор“ на Анета Велкоска, „Ние сме Ева“ на Оливера Андоноска, „Под некое друго небо“ на Владо Поповски, „Молкозбор“ на Владо Јаневски, Шифра: Живот во засек – „Женопојки, митопојки“ и Кирил Ангелов – „Твоја, Таговина“. Редоследот на номинираните е според нивното пристигнување на електронската адреса.
Жири-комисијата за доделување на наградата во состав: проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска (претседател), д-р Атина Цветаноска и Жорж Поповски (членови).
Во потесен избор за наградата „Антев часовник“, која се доделува со цел откривање и афирмација на нови млади талентирани поети кои творат на македонски јазик и е потстрек за нивното творештво, стручната комисија ги номинираше следните 5 збирки: Ива Шајноска – „Збирка“, Вероника Димоска – „Омеѓување“, Костадин Узунов – „Гравитација кон Индомина“, Софија Тодороска – „Првото утро на цутарот“ и Николина Савеска – „Патот кон себе“. И во овој случај, редоследот на номинираните е според нивното пристигнување на електронската адреса.





