Шестмина професори се прогласени за најдобрите научници и уметник на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје за 2024 година. Признанијата им беа врачени вчера, на 10 Ноември, Светскиот ден на науката за мир и развој. Наградата ја добија:
– проф. д-р Јасмина Петреска-Станоева, од Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет, најдобар научник за природно-математички науки;
– проф. д-р Христијан Ѓорески, од Факултетот за електротехника и информациски технологии, најдобар научник за техничко-технолошки науки;
– проф. д-р Драган Мијакоски, од Медицинскиот факултет, најдобар научник за медицински науки и здравство;
– вон. проф. д-р Мартин Николовски, од Факултетот за ветеринарна медицина, најдобар научник за ветеринарни и земјоделски науки;
– проф. д-р Огнен Спасовски, од Филозофскиот факултет, најдобар научник за општествени науки;
– проф. д-р Драган Даутовски, од Факултетот за музички уметности, најдобар научник за хуманистички науки.
Наградите им ги врачи ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова. Таа рече:
– Вие сте инспирација за сите нас, особено за идните генерации што ќе го водат нашето општество кон поинтелигентна и поодржлива иднина. Да продолжиме сите заедно да ја негуваме довербата во науката, да ја поттикнуваме трансформацијата преку знаење, и да ја градиме иднината што ја заслужуваме – иднина во која науката е јадро на мирот, развојот и човековата благосостојба.
Годинашна тема на чествувањето на 10 Ноември беше: „Доверба, трансформација и иднината: Науката што ни е потребна за 2050 година“.





