Изборот на познатата партитура „Четири годишни времиња“ од Вивалди беше полн погодок. Изведбата – одлична, но добар дел од публиката, (која веројатно не беше од онаа што е редовна на концертите на класична музика), му остави дамка на концертот, аплаудирајќи меѓу секој дел од композицијата, наместо на крајот на делото.
Илјадници свеќички ја „стоплија“ атмосферата во Филхармонијата синоќа на првиот тн. Candlelight концерт што го организираше камерниот оркестар „Профундис“ од Скопје, под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ. Оркестарот кој секогаш изненадува со нешто ново, иновативно, со интересни гости солисти и овојпат ни приушти задоволство и галење на сите сетила. Изборот на познатата партитура „Четири годишни времиња“ од Вивалди беше полн погодок. Изведбата – одлична, но добар дел од публиката, (која веројатно не беше од онаа што е редовна на концертите на класична музика), му остави дамка на концертот, аплаудирајќи меѓу секој дел од композицијата, наместо на крајот на делото. И „неопходните“ телефони кои некои луѓе никако не научуваат дека треба да бидат исклучени.

„Профундис“ секогаш избира врвни солисти, а така беше и овојпат со австрискиот виолинист Марио Хосен, кој покажа посебна почит кон публиката.
Концептот на „Candlelight“ – концерт под свеќи е светски познат тренд кој првпат ќе биде поставен на сцена пред македонската публика. Музичките критичари го опишуваат како уникатно искуство каде традиционалниот концертен амбиент се трансформира во хипнотизирачка музичка симбиоза облеана во топлиот сјај на свеќите. Интимниот амбиент овозможува подлабока врска помеѓу публиката и изведувачите, создавајќи извонредно концертно искуство. Оркестарот и Хосен беа наградени со долги аплаузи и изведоа дури 3 биса, од кои Хосен – две композиции и сам.

Вивалди, Паганини, Холст и Глас беа дел од програмата, меѓу кои дело на Филип Глас имаше праизведба. Скопје стана еден од 173-те града низ светот каде досега се организирал концерт под свеќи. Хосен ни ја покажа својата виртуозност, имавме привилегија да слушнеме виолина на Гвадањињи од 1749 година.
Камерниот оркестар „Профундис“ е уметнички состав кој постои веќе три години, чии цели се промоција на квалитетот и особеноста на изразот со посебен акцент на оригиналноста на сите концертни изведувања. Во него членуваат едни од најистакнатите македонски инструменталисти.





