„Се чувствувам отфрлено, бидејќи не сум популарен“ – Сè поголем предизвик е токму здравата социјализација на децата

Пишува: М-р Катерина Димова, специјален едукатор и рехабилитатор, семеен системски советник, основач на „Неуроклиник“ – советувалиште за здрав раст и развој, ментално здравје, рана детекција, интервенција и стимулација на деца, адолесценти и возрасни

Во светот на емоциите, секоја боја има своја приказна. Додека некои од нив се светли, топли и радосни, други се длабоки, темни и ладни. Една од емоциите кои се особено важни за правилен раст и развој е чувството на отфрленост – односно како да се препознае и да се искорени.

Отфрленоста е емоцијата на месец април, дел од општествено одговорниот проект на „Халкбанк“ насловен како „Емоцијата има своја боја“. Целта на овој проект е емоционален развој на децата преку серија содржини со наслов „Емоцијата има своја боја“. Преку овој проект, тие сакаат да ги поддржат родителите и воспитувачите во нивната улога на животни учители, истовремено обезбедувајќи им на децата подобро разбирање на сопствените емоции и нивно препознавање во животот.

Во текот на месецот што го посветуваме на едукација на тема отфрленост, нашата мисија во „Халкбанк“ е детално да ја разработиме емоцијата. За да го постигнеме тоа, ние се обидуваме да го нагласиме значењето на навремено детектирање на оваа емоција во односите меѓу родителите и нивните деца, меѓу другарчињата и воопшто меѓу луѓето.

Нашиот стручен соработник, м-р Катерина Димова, специјален едукатор и рехабилитатор, семеен системски советник, го напиша овој текст за да ги поттикне родителите да ја препознаат оваа емоција кај своите деца. Не само како важен аспект на емоционалната интелигенција, туку и како средство за создавање здрава и сочувана социјална средина.

Училиштата се главниот извор на социјализација за многу деца, особено затоа што поминуваат многу време со своите врсници во училишната средина. На училиште, децата ги доживуваат своите најчувствителни периоди, детството и адолесценцијата, и се соочуваат со бројни предизвици со кои понекогаш не е лесно да се справат.

Неоспорно голем предизвик за децата е стекнувањето нови пријатели, првенствено затоа што сите деца немаат исти социјални вештини. Исто така, некои деца не успеваат да развијат одредени социјални вештини толку лесно како другите деца. Тоа може да предизвика бројни тешкотии во односите со врсниците и да им создаде чувство на отфрленост.

Катерина Димова

Прифаќањето на сопствените и на туѓите различности му создава бројни проблеми на детето, особено ако не успеало доволно да ги развие своите социјални вештини. Сè почесто во секојдневната работа се соочувам со чувството на отфрленост. Адолесцентите знаат да речат: „Се чувствувам отфрлено, бидејќи не сум популарен“. Иако некои деца немаат никаков проблем со средбите и другарувањето, за други тоа претставува голема тешкотија, особено ако претходно претрпеле отфрлање или екстремна суровост од други деца. Поради недоволно развиените вештини, таквите деца често се повлекуваат во безбедноста на сопствениот дом и семејството и одбиваат да се среќаваат со други деца.

Врсничкото насилство е секојдневна асоцијална активност во која учествуваат речиси сите ученици на училиште, без разлика дали забележуваат насилство, доживуваат стресно сочувство со жртвата или учествуваат во каков било вид злоупотреба на други деца. Затоа, потребно е навреме да се реагира и да се забележи зошто детето нема пријатели и да се спречат многу посериозни последици што можат да настанат од тоа.

Социјализација на децата на училиште – совети за родителите и наставниците

Ако забележите дека детето нема пријатели во класот и секој ден поминува време само во некое ќоше од училиштето, не игнорирајте го таквото однесување и обидете се да разберете што може да биде проблемот. Можеби детето со недели доживува тешка злоупотреба од други деца за која знаат сите освен вас. Освен тоа, и денешните видови виртуелно насилство можат да бидат проблем кој често останува скриен.

Следниве неколку совети може да бидат корисни за да му помогнат на вашето дете:

•Раговарајте со детето за проблемите со кои се соочува – со оглед на тоа што веројатно нема да сака веднаш да признае дека има проблем, бидете трпеливи и не избрзувајте со заклучоци.

•Градете однос на доверба со детето – дајте му до знаење дека може да ви верува и дека сакате и можете да му помогнете.

•Побарајте мислење од другите деца на училиште – ако детето одбива да зборува за проблемот, обидете се дискретно да истражите што мислат другите деца за неговото однесување, односно зошто детето нема пријатели и дали има реална причина за тоа.

•Научете го вашето дете на социјалните вештини – многу деца не знаат како да им пристапат на другите деца, како да се запознаат и да се претстават себеси и како да одржуваат пријателства.

•Научете го детето да споделува и да соработува со другите – ако детето воопшто нема пријатели, немојте веднаш да го конфронтирате со големи групи деца, туку постепено соочувајте го со помали групи со кои ќе може да развие однос на доверба и чувство на припадност.

•Поттикнете го дружењето на детето со други деца и надвор од училиштето – училиштето понекогаш носи со себе бројни стресни фактори што го оневозможуваат да се посветите на квалитетно дружење со врсниците. Затоа, обидете се да ги поттикнете дружењето и активностите на детето со врсниците надвор од часовите.

•Побарајте стручна помош за психолошко советување.

•Пред да реагирате, потсетете се со какви проблеми сте се соочувале вие во училишните денови.

•Земете предвид дека понекогаш навистина не е лесно да се биде дете во денешно време на големи очекувања и нереални цели.

•Помогнете му на детето да изгради самопочит – не засновајте ја комуникацијата со детето само врз критики за лошите работи, никогаш не заборавајте и да го пофалите за сите добри работи што ги прави.

Сподели