На идните студенти би ги советувала слободно да се запишат на УИНТ, бидејќи ќе имаат одлична програма, шанса за две размени на цел семестар преку Еразмус+ на врвни европски универзитети, шанса за пракса во странство преку IAESTE, извонредни професори и асистенти кои секогаш сакаат да помогнат, и уште многу други интересни настани.
Стружанката Катерина Коркутоска е најдобрата студентка на Универзитетот „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Не залажила за својот избор да студира Компјутерски науки и инженерство. Таа е полетна и со голема благодарност зборува за своите професори и асистенти.

Какво искуство е за вас студирањето на „Св. Апостол Павле“?
– Изминативе четири години на УИНТ „Св. Апостол Павле“ ми се најдобрите досега. Покрај одличната програма, имав задоволство да учам од извонредни професори и асистенти (странски и македонски), да бидам дел од студентската организација IAESTE, организатор на Global Game Jam, хуманитарни настани, пракси и семинари. Исто мора да напоменам дека омилениот дел од животот како студент на УИНТ ми се стекнатите пријателства кои се надевам дека ќе опстанат.
Дали сте задоволна од програмата што ја изучувате?
– На УИНТ се актуелни пет факултети со навистина интересни програми: Компјутерски науки и инжинерство, Комуникациски системи и мрежи, Дигитална бизнис информатика, Роботика и Информатички системи, визуелизација, мултимедија и анимации. На идните студенти би ги советувала слободно да се запишат на УИНТ, бидејќи ќе имаат одлична програма, шанса за две размени на цел семестар преку Еразмус+ на врвни европски универзитети, шанса за пракса во странство преку IAESTE, извонредни професори и асистенти кои секогаш сакаат да помогнат, и уште многу други интересни настани. Јас сум во моментов апсолвент на Компјутерски науки и инженерство.

Колку е важн, според вас, професорите/асистентите да се пристапни на студентите и да има добра комуникација?
– За мене, професорите и асистентите се клучна состојка за успех и придонесуваат многу кон мојот интерес за предметот. Доколку тие навистина се трудат, мислам дека лесно ќе ги поттикнат и студентите да покажат поголем интерес. Се сметам за исклучиво среќна што ги имав токму овие професори и асистенти. Тие секогаш беа достапни за какви било прашања и кога се во канцеларија, секогаш бевме добредојдени за сè што не ни беше јасно. Професорите и асистентите навистина вложуваат труд за да го запаметат секој студент. Покрај консултации во врска со материјалот, секогаш се подготвени да поделат совет кој ќе ни користи во животот.
Имате ли професори чии предавања ти оставиле особен печат и лекции чии не би ги заборавила?
– Навистина ми е тешко да одберам, но предавањата на професорката Дијана Цапеска-Богатиноска секогаш ми беа интересни најмногу поради нејзиниот начин на предавање и ентузијазам за предметите. Други професори и асистенти кои сакам да ги напоменам се: Анета Велкоска, Елена Хаџиева, Наум Тунтев, Александар Карадимче, Атанас Христов, Лина Милошевска, Расим Салкоски, Иле Димитриевски и Мерсиха Исмајлоска.
Сте се занимавале и со волонтирање. Треба ли младите повеќе да волонтираат и да се вклучуваат во активности и вон средното образование и факултетот?
– Да, сум била волонтер во Црвен Крст, LDA Struga, МОФ и Порака Нова. Мислам дека младите треба да вложат време во волонтирање и неформална едукација. Навистина се добри алатки за личен развој, додека воедно помагаш и на општеството. Воедно, преку овие активности можеш да стекнеш познанства кои ќе вредат многу повеќе од времето што си го потрошил во гледање филм или серија, а ова го кажувам како огромен љубител на двете.
Каде се гледате себеси за 5-10 години?
– Се надевам дека ќе имам работа што ме прави среќна, ќе имам мирен и стабилен живот со што е можно повеќе шанси за патување, завршени магистерски студии и можеби на пат за стекнување докторат.





