Изготвивме процедура за работа на евалуациска комисија составена од надворешни членови номинирани од различни државни институции за квалитетна и транспарентна работа во финализирањето на евалуацискиот процес, вели Марко Ѓоргиевски
Новата Еразмус+ програма 2021-2027 година е дизајнирана со историски најголем буџет досега на европско ниво. Следната година, неофицијално, очекуваниот буџет за спроведување на програмата Еразмус+ во нашата земја е проектиран на близу 6 милиони евра, вели Марко Ѓоргиевски, директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Тој веќе две години раководи со оваа институција. Во интервјуто за Умно.мк објаснува како работеле на подобрувањето на имиџот на Агенцијата, зошто се важни програмите за мобилност, како досегашните учесници си ги подобриле своите вештини.
Раководната позиција ја презедовте во турбулентен и незавиден период. Како во неколку реченици би ја опишале својата функција од ноември 2020 година до денес?
– Националната агенција за европски образовни програми и мобилност од самите почетоци се соочува со низа предизвици и состојби што влијаеле на имиџот, што носеше сериозна одговорност во моментите кога ја преземав функцијата. Изминаа две години кои можам да ги дефинирам како период исполнет со активности и работа во насока на соочување со предизвиците, креирање на една позитивна атмосфера помеѓу вработените, засилена соработка со институциите на национално и европско ниво, унапредување на процесите и процедурите за квалитетно, транспаренто и отчетно работење со силна определба за враќање на довербата од страна на јавноста. Денес можам да кажам дека заедно со вработените посветено работиме кон градење на една стабилна и високо професионална државна институција која работи по европски правила, стандарди и принципи.

Во изминатиот период имаше измени во начинот на оценување на апликациите што пристигнуваат на повикот на Еразмус+. Што е сменето и во начинот на оценување на проектите и во транспарентноста?
– Програмата Еразмус+ е главната програма со која раководи Националната агенција. По моето доаѓање, во насока на транспарентно работење објавивме јавен повик за избор на надворешни експерти-евалуатори со што по спроведување на процесите за селекција се креираше база од повеќе од 70 надворешни експерти – евалуатори која, всушност, е најголемата база од формирањето на агенцијата до денес. Националната агенција континуирано спроведува обуки за надворешните експерти-евалуатори за програмите со кои раководи за да осигура највисоко ниво на професионалност при спроведување на процесот.
Дополнително, изготвивме процедура за работа на евалуациска комисија составена од надворешни членови номинирани од различни државни институции за квалитетна и транспарентна работа во финализирањето на евалуацискиот процес.
Годинава за да осигураме уште поголема отвореност и транспарентност, распределбата на предлог-проектите на надворешни експерти-евалуатори ја спроведуваме со пренос во живо. Така целата заинтересирана јавност може да ја следи распределбата. Дополнително, за прв пат на нашата веб-страница ги објавуваме резултатите од евалуацијата и за добитници, и за оние што ќе се најдат на резервната листа и за одбиените проекти. Ова се чекори што ги преземавме по пример од другите европски држави.
Еразмус+ не е единствената програма во надлежнист на Националната агенција. Објаснете ни повеќе за Европскиот солидарен корпус, кому е наменет, на што е ставен акцентот?
– Европски солидарен корпус е европска програма чија цел е да ја поттикне солидарноста на европско ниво преку ангажирање на младите луѓе и организации. Програмата им нуди можност на младите луѓе да покажат солидарност, да ја искажат својата посветеност во корист на заедниците и помагаат во решавањето на предизвикувачките ситуации низ цела Европа. Во исто време, им овозможува на младите да стекнат корисно искуство, вештини и компетенции за нивниот личен, едукативен, социјален, граѓански и професионален развој, а со тоа и подобрување на нивната вработливост односно нивна полесна интеграција на пазарот на труд. Целта на Европскиот солидарен корпус е да промовира социјална инклузија, толеранција, човекови права, вредноста на разликите и разновидност од сите видови и да им се обезбеди на сите млади еднаков пристап до можностите понудени во рамките на нејзините активности. Во рамки на програмата Европски солидарен корпус може да аплицираат млади лица од 18 до 30 години и да учествуваат во волонтерски и солидарни проекти и организации односно јавни или приватни инситуции.
Каков е интересот на македонските здруженија, невладините органзации и институции за аплицирање на програмите? За кои категории е најголем интересот? Колкав е процентот на „новодојденци“ и зошто оваа категорија ви е важна?
– Европската порака преку програмскиот водич е дека програмата Еразмус+ е отворена за сите – здруженија, граѓански организации, училишта, универзитети, институти, неформални групи, фирми итн. Сите оние кои сакаат да аплицираат и да добијат можност да бидат грантирани треба во своите предлог проекти да се фокусираат на приоритетите на програмата: инклузија, зелена агенда вклучувајќи ја борбата со климатски промени, дигитализација и учество во демократскиот живот.

Последниот период реализиравме активности во насока на учење и мотивација на т.н. новодојденци за што помасовно ширење на пораката за придобивкити од Еразмус+ програмата. Минатиот месец организиравме тридневна обука на 30 училишта од целата држава и тоа на училишта кои изминативе години немале никакво искуство со програмата или не биле добитници. Сè што правиме како Национална агенција е во насока на унапредување на образовните процеси и креирање на еднакви можности за сите во државата, осигурувајќи се дека никој нема да биде изоставен.
Отворениот пристап на промовирање и доближување на програмата до потенцијалните корисници придонесе да имаме 44 отсто нови апликанти во програмата минатата година, според статистичките податоци со кои располагаме. Тоа дополнително нè мотивира да ги промовираме европските вредности и отворените можности на програмата Еразмус+.
Велите дека скоро и да не постојат апликации за најголемите меѓународни проекти во кои носител (координатор) би била инситуција од нашата земја. На што се должи оваа состојба? Како да се мотивираат да се охрабрат и да аплицираат?
– Соработката помеѓу организациите на европско ниво е од големо значење за сите. Тоа е можност за сите вклучени страни да истражат, осознаат и да се стекнат со нови искуства, знаење и вештини. Како Национална агенција забележуваме тренд на поголем број на примени апликации од рок во рок што ни покажува дека има голем интерес за учество во Еразмус+ програмата од страна на сите што ги исполнуваат условите да аплицираат. Националната агенција континуирано организира обуки за градење на капацитети кај потенцијалните апликанти и сите кои се заинтересирани да учествуваат во програмата Еразмус+. Правилното димензионирање на проектната и буџетската рамка се клучни при оценување на квалитетот на проектите што го прават надворешните експерти – евалуатори во НА. Еразмус+ нуди еднакви можности за сите. Потребно е да се има идеја, таа да се претопи во проектна апликација и потоа останува да ги славиме успесите на организациите и инситутициите заедно со своите партнери за кои можам да кажам дека се знае и на европско ниво, бидејќи дел од нив се назначени како добри практики во рамки на програмата.
Во очекување на новиот повик за 2023 година, има ли веќе податок со колкав буџет ќе располага нашата земја за Еразмус+ и како да се охрабрат граѓаните да аплицираат со интересни идеи?
– Новата Еразмус+ програма 2021-2027 година е дизајнирана со историски најголем буџет досега на европско ниво, со план за постепен раст од година во година што го потврдува фокусот на Европската комисија за ширење на можностите кои ги нуди програмата. Следната година, неофицијално, очекуваниот буџет за спроведување на програмата Еразмус+ во нашата земја е проектиран на близу 6 милиони евра наменети во најголем дел за студентски мобилности, мобилности на ученици и наставен кадар, мобилности во образование за млади и возрасни и стратешки партнерства фокусирани на приоритетите на програмата.

Марко Ѓоргиевски
Очекуваме во следните години постепено средствата да се зголемуваат со што ќе се зголемуваат и можностите кои ги нуди програмата Еразмус+ за македонските корисници. Како и досега така и во следниот период јавноста ќе може да се информира за сите работи и активности поврзани со Националната агенција и програмите кои ги спроведуваме.
Кои се најголемите придобивки од програмите за мобилност? Со какви искуства се враќаат учиниците, студентите, наставниците, професорите…?
– Еразмус+ мобилностите се едни од најдобрите и најквалитетни животни искуства што ги добиваат учесниците во програмата преку различните видови мобилности, без разлика дали зборуваме за млади, возрасни, студенти, професионален кадар или наставници. Учесниците во мобилности развиваат и подобруваат разни вештини – подобрувањето на јазичните и дигитални вештини, искуства од интернационална средина и споделување на добри веќе применети практики, запознавање на разни профили на европско ниво и пошироко и можности за вмрежување, запознавање на разни култури и традиции, но и промовирање на нашата македонска култура и традиција на меѓународно ниво. Генералното задоволство на учесниците во мобилности е 97,8 осто. Овој резултат произлегува од спроведените анкети во 2020 година.
Наставниот кадар кој реализира мобилност се стекнува со искуства и добри практики кои подоцна има можност да ги искористи во креирање на поквалитетна наставна програма за учениците и студентите. Спроведените истражувања во 2020 година покажаа дека 84 отсто од учесниците во мобилности изјавиле дека ги подобриле професионалните компетенции за идно вработување. Позитивните примери и искуства од програмата Еразмус+ се доволен мотив посветено да продолжиме кон креирање на повеќе можности за сите.





