„Медена земја“ на Фестивалот во Токио, Андријана Цветковиќ селектор на програма посветена на филмови што третираат глобални проблеми

Пред три години предложив на фестивалот да се отвори нова програма за филмови кои се занимаваат сериозно со глобални теми кои имаат потенцијал да го сменат начинот на кој определени проблеми се перципираат во јавноста, а се со потенцијал да го сменат светот – вели Цветковиќ за Умно.мк

Филмот „Медена земја“ на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, нашиот двократен кандидат за „Оскар“ во 2019 година, ќе биде прикажан на 36. Интернационален филмски фестивал во Токио што ќе се одржи од 23 октомври до 1 ноември. Филмот ќе биде дел од новата програма SDGs in Motion – револуционерна филмска секција посветена на филмови и наративи што ги одразуваат Целите за одржлив развој на Обединетите Нации (SDGs – Sustainable Development Goals). „Медена земја“ ќе биде единствен европски филм во оваа програма.

Селектор на програмата е македонската режисерка, доктор на филмски науки, поранешна амбасадорка на Македонија во Јапонија, д-р Андријана Цветковиќ. Таа е и актуелна советничка на министерот за култура на Јапонија за меѓународна соработка.

Целта на оваа програма како дел од овој светски фестивал од А класа, каде оваа година претседател на жирито е Вим Вендерс, е да служи како катализатор за започнување на дискусии по важни теми, рушење на табуа и поддршка на глобалното единство во врска со најактуелните проблеми на нашето време како правата на жените, заштита на животната средина, градење на силни институции и слично. Оваа година филмовите кои Цветковиќ ги селектираше се од светски режисерки имиња и филмови кои веќе се добро познати на светската јавност и носат длабоко човечки пораки низ впечатливи наративи, често базирани на вистински приказни.

Цветковиќ беше дел од жирито на фестивалот во 2021 година и е член на Друштвото на режисери на Јапонија. Таа има одржано многу предавања и говори на темата одржлив развој, меѓу другото и на конференција на Обединетите Нации во Сендаи, посветена на климатските промени.

Оваа година SDGs in Motion се фокусира на Целите 1 (редуцирање на сиромаштијата), 5 (родова еднаквост), 13 (Зачувување на животната средина) и 16 (мир, правда и силни институции). Овие цели не се само апстрактни идеали, туку се повик за акција, план за подобро утро, објаснува Цветковиќ,

Во програмата оваа година, меѓу другите, се вклучени и филмовите „Ерин Брокович“ на Стивен Содерберг, „Ветена земја“ на Гус Ван Сант.

– Пред три години предложив на фестивалот да се отвори нова програма за филмови кои се занимаваат сериозно со глобални теми кои имаат потенцијал да го сменат начинот на кој определени проблеми се перципираат во јавноста, а се со потенцијал да го сменат светот, бидејќи имаат моќ да влијаат на промена на свеста на огромен број на луѓе поради својата популарност. Мене лично, некои филмови ми го смениле начинот на размислување и ме поттикнале да бидам активна на определено поле и сметам дека не сум единствена. Затоа важно е да ги негуваме таквите филмови, и да им дадеме посебно место на вакви фестивали како Токискиот, кој е посетуван од илјадници филмаџии и новинари од целиот свет секоја година – вели Цветковиќ.

Таа додава дека во сè што работи, се обидува на секој начин да ја промовира Македонија, па затоа и годинава решила да поддржам уште еден македонски филм да се прикаже на филмското платно на фестивалот во Токио.

-„Медена земја“ е еден од најважните филмови кои излегле од Македонија во светот. Ги охрабрувам и другите филмаџии од Македонија и регионот да размислуваат во оваа насока во нивниот филмски наратив и креативност – истакна Цветковиќ.

Гледајќи напред, планираме  оваа категорија на филмови преку партнерства, визија и колаборација да се развие во една од водечките филмски програми на фестивалот и веќе од следната година оваа категорија да има и натпреварувачки карактер, објаснува таа.

– Во овие одлучни моменти во историјата, обединетоста носи огромен потенцијал за промени. Филмот, со својата врска да ги допре срцата на гледачите и филмските креатори, со нивната способност да предадат моќните пораки, играат голема улога во оваа трансформација. Тоа е и впрочем магијата на филмот – преку приказни, визуелно да ги наслика состојбите и приликите на човештвото денес, и да предизвика потреба кај гледачот да преземе чекори, и акција за промени. Промени, кои се дел од нашиот колективен развој и кои се неопходни без одлагање. Освен филмската програма во рамките на фестивалот планиран е и Симпозиум поврзан со овие теми низ призмата на јапонските режисери, продуценти, светски познати директори на филмски фестивали и други чинители кои се дел од екосистемот на филмската индустрија – вели Цветковиќ.

Сподели