„Продавница на главната улица“ ја отвора ретроспективата на Јан Кадар во Кинотека

Ретроспектива на еден од најголемите режисери на денешницата, Јан Кадар од вечерва во 20 часот, па до 29 февруари, ќе се одржи во Кинотеката на Македонија. Кадар е чехословачки филмски режисер кој можеби не е толку звучно име како Милош Форман или Јиржи Менцел, но е сестран филмски великан со импозантна и разновидна филмографија и живот, во кој (како и во неговите филмови) се вкрстуваат различни култури: чешка, словачка, унгарска, еврејска и американска.

Тој е особено битен за чехословачкиот филм, поточно, за новиот бран од почетокот на 1960-тите години, не само како филмски автор туку пред сè како филмски педагог. Јан Кадар беше професор на ФАМУ во Прага, каде им предаваше на повеќето режисери, зачетници на чехословачкиот нов бран.

Својата кариера ја започнува по Втората светска војна со неколку документарни кратки филмови. Во 1950 година го снима неговиот дебитански филм, комедијата „Катка“ (1950). Потоа следува извонредно плодната соработка со Елмар Клос, со кого ги прави неговите најдобри филмови. Јан Кадар емигрира во САД во 1968 година каде станува професор по филмска режија (а подоцна и декан) на Американскиот филмски институт во Беверли Хилс.

На ретроспективата ќе бидат прикажани пет филма што опфаќаат различни фази од творештво на режисерот. Тука се филмовите од извонредно плодната соработка со Елмар Клос. И покрај цензурата на комунистичка Чехословачка, тие успеават да направат бескомпромисни филмови кои храбро се справуваат со моралните дилеми на едно длабоко корумпирано општество, како во минатото така и во нивното современие.

Повеќе за програмата што се реализира во соработка со Чешкиот филмски архив, читајте на следниот линк.

Сподели