„Приватна насмевка“ или кога пандемијата ќе го изнедри најкреативното од вас

Книгата со раскази „Приватна насмевка“ од Гоце Дртковски ќе биде промовирана вечерва во 20 часот во „Јавна соба“ во Скопје

Во „Приватна насмевка“ се вгнездил заборавот. Без сочувство и емотивен патос, без лифтинг и фотошопирање, со неподнослива леснотија се зборува за животот. На прашањето дали така мораше да биде, некој глас таму спокојно вели: „Да, така мораше да биде“, вели Гоце Дртковски, новинар, колумнист, публицист, издавач, автор е на повеќе книги кој вечерва во 20 часот во „Јавна соба“ во Скопје ќе го промовира своето прво дело од областа на литературата. Во книгата се поместени 13 раскази и четири есеи за слободата. Издавач на книгата е „Љубовта е петтиот елемент“ од Скопје и веќе може да се купи онлајн и во книжарниците низ градот. На промоцијата, актерот Филип Трајковиќ ќе прочита делови од книгата, и во пријатниот простор во поткровјето на „Јавна соба“ ќе се слушаат незаборавни македонски забавни мелодии.

– Ова е книга што на нежен начин ќе ве соочи со себе, или барем ќе се препознаете во некоја ситуација, во некои ликови. Едно е сигурно – читателите нема да бидат оставени на мир. Книгата, нарацијата е упорна како дух кој сака да се поврзе и да остане со вас. Книгата е питка, лесна за читање, но ќе треба и да подзастанете на некои редови пред да продолжите со читањето. Фидбекот од оние што ја прочитале кажува дека некои ја пијат како добар коктел, други ја земаат во помали количини, како кавијар – вели Дртковски.

Книгата почнува со инспиративен предговор во кој авторот пишува дека книгата е последица на пандемијата, „иако неговиот случај сè уште не е опишан во медицината.“ Сепак, нејзиното постоење може повеќе да се поврзе со период на осамување, што секогаш може да секому да се случи.

– Тогаш имаме време да се загледаме во себеси, да ги отвориме егзистенцијалните прашања, да помислиме на смислата на животот што ни ја нуди овој милениум. Да се симнат розовите очила, а притоа во книжевна смисла да ја задржите насмевката, во време на пандемија, или во кое било време кога подолго ќе останете сами, може да ве промени, да излезете од утробата, од јајцето и тој миг на нова егзистенција секогаш е ризичен. Може да ве обземе еуфорија, да почувствувате и восхит и да ги засакате и болката и тагата. Новото раѓање носи збрканост и несигурност и тоа е есенцијата во која може да се роди нова егзистенција – вели авторот.

Дртковски е автор на повеќе книги: „Затворено општество“, „Слободен новинар“, „Вонредна состојба“, „Непријатност во културата“. Досега пишувал новинарски текстови, колумни, анализи и книги кои биле тесно поврзани со новинарството. Ова е негов прв обид да влезе во раскажувачка литературна форма. На прашањето како успеал „да му избега“ на новинарот, тој вели:

– Не успеав да побегнам, ниту требаше да се побегне од себе и од своето искуство. Тоа може да се види и во нарацијата и во стилот на пишување. Литературата влезе во мене затоа што тоа беше начинот да го изразам она што само од себе сакаше да излезе од мене. Авторите бараат приказни за да ја изразат својата креативност. Мислам дека само амбицијата да се биде писател е недоволна да се напише ваква книга, напротив таму е голем ризикот да се влезе во некоја предвидлива нарација и други книжевни матрици. Моите колумни, моите книги ме молеа, бараа од мене да излезат на бела виделина. Јас ништо свесно не сторив за „Приватна насмевка“ да заврши меѓу корици. Таа сама сакаше да излезе од мене – завршува авторот.

Имиња, тесно врзани со „Приватна насмевка“

Еден од расказите се вика „Вистина е тоа што постои“. Тие се реални ликови кои отсекогаш биле тука. Злате Лозановски, пошироката јавност го познава како новинар и како уредник. За привилегираните како мене што подобро го знаат, тој е голем ерудит, интелектуалец од кого многу може да се научи. Ана Пејчинова живее во стихови и не се колеба да ги препее античките поети: Руми, Киплинг. Катарина Ципушева, која своето академско знаење и талент ги однесе во Австралија, но јас и понатаму сум во контакт со нејзиниот истенчен вкус. Убав дел од книгата е лекторката Елена Саздовска. Таа е извонреден лектор, но Елена го сака јазикот. Издавачката куќа се вика „Љубовта е петтиот елемент“, и тој критериум важи секогаш и за сè. Услов без кој не се може. Книгите се пишуваат да бидат читани, затоа текстовите му ги испраќав на Добросав Крстески, со кого се познаваме уште од деца. Добро е да имате некој што нема да ве штеди ако нешто не му се допаѓа. Да имате некој што не ве штеди е драгоцено искуство во пишувањето!

Сподели