Наградата ја посветив на исклучителниот тим со кој работам многу години и на лицата со попреченост од здруженијата и едукативните институции со кои имаме одлична комуникација, соработка, голема доверба и искрено пријателство, вели Ружин
„Најдраги ми се работилниците со деца со попреченост, кога ќе забележам дека во еден миг чувствуваат среќа што се во музејот и сакаат повторно да се вратат, или кога лице со оштетен вид ќе ми каже дека успеа да „види“ нешто од презентираното со наши различни пристапи“, вели д-р Ирена Ружин, менаџер на проектите за пристапност и инклузија, алумни на Амбасада на САД, на Британскиот совет, член на Извршниот одбор на Балканската музејска мрежа, Балканската музејска група за пристапност, претставник од Македонија и членува во многу меѓународни тела и одбори. Таа ја доби наградата Peace Broker Prize за Западен Балкан што ја доделува Мрежата на балкански музеи.

Ирена Ружин
Што значи за Вас оваа награда?
– Уверена сум дека доделувањето на оваа награда од меѓународно жири претставува признание за мојот професионален придонес, но испраќа и силна порака на поддршка за вредностите што таа ги претставува – инклузија, дијалог и еднакви права за сите. Наградата ја разбирам како мотив да се остави белег во локалната и регионалната заедница и дополнително да ги поддржат и охрабрат музејските професионалци во регионот да направат позитивни промени. Многу ме радува што номинацијата ја испратила мојата колешка м-р Жељка Сушиќ од Тифлолошкиот музеј од Загреб, таа од која учев пред многу години, заедно со останатите претставници од државите на Балканот, во рамки на групата за пристапност во музеите BMAG од предавачи од Велика Британија. За номинацијата добила писмо за поддршка од претставници на 10 национални македонски музеи со кои соработував овие десетина години.

Тие напишале: „Даваме поддршка за номинацијата за Ружин, за нејзината исклучителна работа и придонес во македонските и во други музеи на Балканот каде остава видливи траги, како консултант на тема инклузија и пристапност за сите, како и нејзината постојана заложба за континуирана едукација, пренесување на искуства и добри практики но и изнаоѓање начини за поддршка од разни донатори и институции на оваа тема.“ За тоа сум им бескрајно благодарна. На свеченото доделување во Музејот на град Загреб, во рамките на годишната музејска меѓународна конференција „Meet, See, Do“, наградата ја посветив на исклучителниот тим со кој работам многу години и на лицата со попреченост од здруженијата и едукативните институции со кои имаме одлична комуникација, соработка, голема доверба и искрено пријателство.
Во образложението истакната е Вашата улога во подобрување на музејските услови особено за луѓе со попреченост. Кои од проектите на кои сте работеле Ви се најдраги?
– Кога ќе погледам наназад, би рекла стратегиите, студиите за пристапност за повеќе музеи на Балканот, публикации, стручни трудови, конференциите, проектите каде работиме со вештачка интелигенција и воведување на современи технологии за подобрување на пристапноста, тестирање на нови методологии … Но не, сепак најдраги ми се работилниците со деца со попреченост, кога ќе забележам дека во еден миг чувствуваат среќа што се во музејот и сакаат повторно да се вратат, или кога лице со оштетен вид ќе ми каже дека успеа да „види“ нешто од презентираното со наши различни пристапи, на пример тактилните изложби, проследени со аудио и видеа на знаковен јазик, концепт применет и во нашиот музеј и во неколку музеи кај нас и на Балканот, кој го работиме со тимот и со М-р Јове Парговски, автор на тактилните слики и концептите. Кога во некој непристапен простор ќе поставиме една мала подвижна патека, рампа, со која се обезбедува физички пристап за лица со физичка попреченост. Тоа дава неверојатни можности на лицата со попреченост.

Во моментов интензивно работам на три проекти (два меѓународни и еден национален) за пристапност во мојата институција, Заводот и музеј во Битола, поддржани од Министерство за култура и туризам, два проекта за пристапност со македонски музеи и еден голем европски проект на Балканска музејска мрежа iNCLUSION, во соработка со Турската академија на науки (TUBA) и уште неколку меѓународни партнери. Очекувам големи резултати од сите проекти во оваа година.
Членовите на комисијата велат: Културното наследство припаѓа секому. Каква е состојбата со културното наследство во земјава, а каква во регионот, во поглед на достапноста за луѓето со попреченост?
– Забележителен е голем напредок кај нас и во регионот, зголемена е свеста, голем број научени лекции, почитување на законите, ратификуваните конвенции и обврски. Но, имаме уште многу да научиме или да го имплементираме наученото. Особено институциите кои се сместени во споменици на култура, тие имаат голем предизвик како да ја подобрат физичката пристапност, заради ограничувањата. Но, сепак успеваат. Има многу примери каде се поставуваат монтажни помагала за отстранување на физичките пречки, заради законските обврски што ги имаме како институции во поглед на обезбедување на услови и услуги. Во некои институции, особено во регионот, видливо е знаењето и употреба на универзален дизајн во изготвувањето на изложби, настани и сл.

Ако се следат насоките на универзалниот дизајн, нема потреба да се потенцира дека во музејот имаме направено нешто за лица со попреченост, туку дека музејот е достапен за сите. Особено мултисензорното искуство кое го овозможуваме за надминување на сите бариери (физички, интелектуални, сензорни). Сакам да се продолжи во таа насока, но мора многу да се внимава на стандардите, методологијата, пристапот, бидејќи работата е многу специфична и музејските професионалци мора да имаат соодветна едукација, покрај нивната желба и емпатија.
Од искуство, но и од препораките што ги добиваме, многу е важно да се вклучат лицата со попреченост (пред секоја иницијатива), во процесот на изработка и во имплементација на проектите.
Многу сте активна во регионалната соработка меѓу музеите, а тоа е дел и од Вашата интернационална активност. Зошто е таа важна за музејските институции во земјава?
– Да, активно сум вклучена во голем број регионални меѓународни проекти, каде најчесто се трудам да споделам свое искуство и добрите практики, но и да научам нешто ново што е применливо кај нас. Многу важно ми е да го промовирам македонското културно наследство од различни аспекти и на различни начини. Изразувам огромна благодарност до Балканска музејска мрежа која ми ги овозможи сите меѓународни обуки, тренинзи, учеството во меѓународни проекти и конференции на тема пристапност, поддршката на голем број проекти за пристапност инклузија и вмрежување и на Министерството за култура и туризам за поддршката на проектите за пристапност.

Најголем дел од контактите и соработката ги остварив преку Балканска музејска мрежа и НЕМО (Network of museum organizations) во кои членуваат повеќе македонски музеи и музејски професионалци како индивидуални членови.
Што од актуелната состојба во однос на пристапноста и инклузијата во музеите во Македонија најмногу Ви пречи? Што може да се промени и без големи буџети за реализација? Што зависи од нас самите?
– Целта е да ги надминеме пречките на најдобар начин. Малку ми пречи незнаењето, незаинтересираноста и пасивноста на некои институции со став дека за проекти за пристапност и инклузија треба големи финансиски средства. Тоа е неточно и тоа го потврдија нашите истражувања и студии за пристапност. Би сакала уште повеќе да се зголеми свеста, постојано надоградување и пратење на светските трендови во однос на моќта и значењето на музеите во заедниците што во голема мера може да ја подобри состојбата. Проверено и од искуство тврдам дека големите промени се прават и без големи буџети и од нас зависи доколку:

– доследно и со голема посветеност и разбирање се залагаме за правата на лицата со попреченост да имаат пристап и активно да учествуваат во културниот живот, што претставува загарантирано човеково право;
– во својата работа да покажеме длабоко разбирање за пречките со кои се соочуваат овие лица и цврсто се посветуваме за нивно надминување;
– во контекстот на земјата и регионот каде што делуваме, да направиме напори што ќе претставуваат значајна и важна пресвртница за постигнување вистински, мерливи промени во начинот на кој културните институции размислуваат и спроведуваат инклузивни практики.
Музеите можат да го променат животот на посетителите. Да запамтиме дека пристапноста не е привилегија! Знам дека можеме да бидеме позитивен пример, дури и во време на хаос, поларизација и исклучување, постојат луѓе кои неуморно, посветено и искрено градат мостови што поврзуваат и обединуваат луѓе, заедници, па дури и цели региони. Јас продолжувам секојдневно да живеам со намера да овозможам услови за создавање простори за дијалог, еднакви можности и чувство на припадност за различните засегнати страни во заедницата. И сето тоа преку призмата на музејската работа.





