Новинарите Јасмина Јакимова, Бојан Шашевски, Даниел Евросимоски и Емилија Петреска од „Радио МОФ“ за приказната за балканскиот рис во две продолженија ја доби првата награда за најдобра истражувачка сторија објавена во 2020 година на конкурсот за истражувачко новинарство на Европската Унија. На конкурсот пристигнале 27 приказни од кои 13 влегле во потесен круг. Новинарите истакнаа дека по објавувањето на „По трагите на Лиса и Филипче, балканските рисови кои обединија три држави“ и „Недопирливите убијци на балканскиот рис“, разочарувачки е што институциите воопшто не реагирале по објавените информации.
Втората награда ја освои редакцијата на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) за серијалот „Пандемско профитерство: Другата страна на приказната за КОВИД-19“. Третата награда ја добија Кристина Озимец и Влатко Стојановски за сторијата „Министерство за политички систем скроено за политички цели“ објавена на „Пина“ и „Само прашај“.
Целта на „Наградите од Европската Унија за истражувачко новинарство“ на Западен Балкан и Турција е да ги истакне и промовира извонредните постигнувања на истражувачките новинари и да ја подобри видливоста на квалитетното новинарство. Наградата е продолжение на регионалната „Награда од Европската Унија за истражувачко новинарство“ во земјите од Западен Балкан и во Турција и е дел од тековниот проект „Зајакнување на квалитетните вести и независното новинарство во земјите од Западен Балкан и во Турција“ администриран од Балканската истражувачка репортерска мрежа (БиХ) во партнерство со седум медиумски организации.





