„Се плашам дека сè почесто ќе се соочуваме со „одмаздата“ на природата за сè она што успеавме да ѝ го направиме на една здрава и релативно млада планета за само неколку космички секунди“, вели уметникот Велимир Жерновски, еден од учесниците на британско-македонската изложба „Допирот“
Пишува: Катерина Богоева
Дела на исклучителни уметнички имиња од британската визуелна сцена која ја третира проблематиката на движечките слики: Бен Риверс, Уриел Орлоу, Шарлот Проџер, Луис Хендерсон и Бедвир Вилијамс како и на македонските еминентни современи уметници: Елпида Хаџи-Василева, Велимир Жерновски и Кристина Пулејкова може да се видат на изложбата „Допирот“ која вечерва во 20 часот ќе биде отворена во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ во Скопје. Кураторката Ана Франговска ја подготви изложбата во соработка со својата матична куќа, Националната галерија во партнерство со Британскиот совет и агенцијата за подвижни слики „Лукс“ од Обединетото Кралство. Во фокусот на уметничките истражувања е дискурсот за екологијата и заштита на животната средина, а изложбата е петта по ред презентација на програмата „Идни екологии“ на Западен Балкан. „Идни екологии“ ја третира тематиката загадувања и екологија која се смета за многу актуелна и на просторот на Западен Балкан, а Ана Франговска е една од селектираните куратори заедо со колеги од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Албанија и од Косово.

Ана Франговска
– Изложбата се однесува на негативниот аспект од допирот, оној толку позитивен и хуман чин кој ни недостига во ова пандемиско време, го третира допирот на човекот кој уништува сè пред себе, свесно или несвесно поместувајќи ја еко-рамнотежата во живиот свет – вели Франговска.
Проектот финансиски е поддржан од Британскиот совет и од Министерството за култура, а кураторката е задоволна од досегашната соработка со британските партнери. Со нив имале редовни онлајн-средби, се запознавале и заедно ги граделе мултифацетните програми. Првичната идеја била кураторите да престојуваат во Лондон и да се запознаат со британските уметници и куратори, кои се дел од проектот „Ние сме тука: Идни екологии“, да посетат многу музеи и културни установи и културни дејци со кои би се воспоставила комуникација за идни соработки. По овој престој, проектите во Западен Балкан требало да почнат да се реализираат минатата есен.
– За жал, пандемијата ги помести сите планови, најнапред со одложување на термините, а потоа и со целосно откажување на посетата на Лондон. Но, заедничките заложби не дозволија целиот проект да пропадне, и се договоривме, дури и во скратена верзија, проектите сепак да се реализираат заради важноста на темата која е составен дел од реалноста која ја живееме. Како дополнување на изложбениот дел се осмислуваа цели придружни едукативни програми кои треба да анимираат што поголем и посестран дел од публиката без оглед на нивната старосна граница или професии, бидејќи самиот факт да се говори за заштитата на животната средина е од клучно значење. Па така, во склоп на изложбата имаме работилници, дебати, онлајн разговори со кураторот, со уметници, едукација за деца, конференции итн – вели Франговска.

Дело од Бедвир Вилијамс
Таа изрази благодарност до Британскиот совет и „Лукс“ за можноста да се стекне со искуство и продлабочено знаење во курирањето на сестраните програми. Франговска вели дека македонските учесници на изложбата се презадоволни од поканата да изложуваат заедно со своите колеги од Велика Британија на тема која е мошне важна и актуелна во нивното творештво генерално.
– Она што ги поврзува и нив и британските уметници се разновидните аспекти на идните екологии и тоа: екологијата генерално, политиката, миграцијата, идентитетот, империјализмот и колонијализмот, домородната сувереност, критиката на медицинските индустрии, архивирањето и важноста од деколонизацијата, не само на историјата туку и на нашето разбирање на природниот свет итн. Сите нивни уметнички дискурси го проблематизираат влијанието на човечкиот допир врз глобалните промени во сите области на нашето постоење. Нивните пристапи и концепти се уметнички спакувани на многу мудар и поетски начин, но тие всушност се многу прецизна критика на денешното современо општество, гледано и глобално и локално, а некои од нив говорат и за постоење на еколошка правда – вели Франговска.
Уметникот Велимир Жерновски на изложбата учествува со две дела од неговиот серијал „Зад црнилото“, со 3Д скулптура на космонаут од 2018 година и со видеото „Отаде: Темна ѕвезда 2021“ кое за прв пат и ќе биде промовирано.

„Отаде: Темна ѕвезда 2021“ на Велимир Жерновски
– Генералниот проект („Отаде“) се занимава со проблемите и процесите со кои се соочува нашата планета и генерациите родени во ерата на климатските проблеми преку еден интерпланетарен наратив. Делата опфатени со овој проект, и постарите и поновите, посочуваат на една безизлезна ситуација во која се наоѓаат нашите тела под заканата на циклусите на планетата Земја, глобалните политички трендови и капиталот пред сè. Во видеото „Отаде: Темна ѕвезда 2021“ фокусот е ставен на кореографијата и изведбата на маестралната македонска балерина, Ивана Коцевска. Во соработка со Ивана и Денис Сарагиновски (снимател и монтажер на материјалот) низ еден комплексен, но многу убав процес, дојдовме до оваа слика која зборува за време – просторот, за универзалноста на нештата и за нашата перцепција на истите. Видеото нè потсетува на кршливоста на нашите тела, но и на нивната „семожност“ и како овие тела транзитираат низ време-просторот, се раѓаат и исчезнуваат, најчесто без предупредување. Но, оваа слика не е само слика на кршливото тело, таа отвора подлабоки прашања за нашите позиции и односи со / и кон сè што нè опкружува – вели Жерновски.
Запрашан за мислење за односот на човекот кон природата, а со тоа и кон самиот себеси и за тоа каде тоа нè вoди нас како жители на планетата Земја, тој вели дека осамените космонаути и мртвите планети од 2018 година како и поновите негови дела нè потсетуваат токму на тоа. На таа, се чини неизбежна слика од денешна перспектива.
– Доколку тврдоглаво продолжиме да дозволуваме да бидеме водени само од логиките на капиталот, неизбежно е тотално отуѓување од природата, а со тоа и свесно кршење на еден комплексен и живототворен биодиверзитет. Мислам дека веќе сме неповратно отуѓени и дека можеби е доцна да преземеме што било во наша моќ како би ги направиле овие планетарни процеси барем малку поподносливи. Се плашам дека сè почесто ќе се соочуваме со „одмаздата“ на природата за сè она што успеавме да ѝ го направиме на една здрава и релативно млада планета за само неколку космички секунди. Според мене, потфрливме како цивилизација и ќе мора да ги сносиме последиците – рече Велимир Жерновски.

„Место на спојување“ од Кристина Пулејкова
Уметницата Кристина Пулејкова на изложбата учествува со проектот „Место на спојување“. Таа вели дека многу научници го нарекуваат времето во коешто живееме антропоцен или доба на човекот, затоа што правецот во кој се движи здравјето на планетата е тесно поврзано со човечките активности и со нивниот импакт врз кревкиот еколошки баланс.
– Мислам дека сè додека човекот се гледа себеси како инженер или скротител на природата, како суштество што живее надвор од матриксот на природните правила, ќе води кон лоши сценарија за самите нас и за остатокот од живиот свет. Доколку прифатиме дека сме едно од билионите суштества кои кохабитираат на планетава (ние самите сме микрокосмос кој содржи милиони микроорганизми во нашето тело), животно цицач – мислам дека таа скромна перспектива или самосфаќање би ни помогнало да се придвижиме во подобар правец, кон закрепнување – вели Пулејкова.
Во фокусот на нејзиниот проект „Место на спојување“ е миграцијата на јагулите од Охридското езеро и од реката Темза. При работата на проектот за неа најинтригантно, шокантно, било сознанието дека јагулата од Охридското езеро од 1962 година не може да се врати назад во Саргасовото Море, и со тоа да го затвори својот животен круг.
– Тоа е факт кој јавноста не го знае и мојата цел беше да го направам што подостапен. Колку повеќе истражував за животот на јагулата, толку повеќе наоѓав конекции помеѓу нејзиниот и човечкиот живот. Тоа се животни, риби кои можат да живеат до 80 години, значи со човечки животен век. За да го напишам сценариото на делото, разговарав со д-р Зоран Спирковски од Хидробиолошкиот институт во Охрид како и со научници од Зоолошкото друштво Лондон (Zoological society London), со обид приказната да биде навистина базирана на факти. Тоа што ме изненади е колку луѓето сочуствуваат со јагулата и нејзиниот живот, кога во делото јагулите ги прикажав како две човечки фигури кои се во разговор – посочи Пулејкова.





