Со презентацијата на проектот „Лета лета Локубија“ на Елена Чемерска синоќа во КСП „Центар Јадро“ во Скопје заврши серијата на презентации во рамките на проектот Arts Hub. „Лета лета Локубија“ претставува продолжување на долгогодишните активности во рамките на интердисциплинарниот документарен уметнички проект во организација на визуелната уметница Елена Чемерска чија цел е физичка и значенска ревитализација на Споменикот на слободата во Кочани и неговата утописка програма.
Во рамките на проектот беше реализирана дводневна работилница за изработка на летала од рециклирани материјали од градската депонија во Кочани врз основа на цртежи на децата учесници во работлницата, инспирирани од мозаичните фризови на Споменикот на слободата.
– Поттикната од приказните на членови на различни генерации од локалната заедница врзани со неформалната традиција на летање на змејови на Споменикот на слободата, а имајќи ја предвид неговата географска позиција во однос на градот, оваа работилница беше наменета за сите деца кои живеат во подрачјето на ридот Локубија, Кочани и пошироко на возраст од 6 до 12 години љубопитни за летањето, летачките објекти и нивното создавање – велат организаторите.
Во рамките на Arts Hub се одржаа 6 презентаци и разговори на домашните уметници и автори кои во изминатите две години беа поддржани да реализираат свои проекти на партиципативна/социјално ангажирана уметност – Кристина Божурска, Културно Ехо, Елена Чемерска, Ивана Мирчевска, Симона Манчева, Лидија Пајевиќ и Крунислав Стојановски.





