„Нешто слатко“ е комедија за која актерот Сашко Коцев се потпиша и како копродуцент и како косценарист, а Јованова ја игра главната женска улога на Хрватката Каја
Актерите Сашко Коцев и Јелена Јованова играат главни улоги во словенечката комедија „Нешто слатко“ (Nekaj Sladkega) во режија на ТВ-ѕвездата и стендап-актерот Тин Водопивец. Коцев е и копродуцент на филмот, а заедно со сценаристката Уршка Мајдич се потпиша и на сценариото на комедијата. Јованова е копродуцент од Хрватска. Филмот ќе има светска премиера вечерва во киното Cineplexx во Љубљана, каде ќе присуствуваат и нашите актери. Како се случи оваа соработка? Коцев за Умно.мк сподели дека Водопивец му е негов пријател од повеќе од десет години и заедно имаат настапувано на многу стендап-настапи во Скопје, Белград, Хрватска, Словенија…

– Уште прв пат кога се сретнавме сфативме дека имаме многу слична смисла за хумор и пристап кон хуморот, размислување, естетика и често си разменувавме филмови, посебно француски. И често ми вели дека му личам на стендап актерот Гад Елмале. Беше корона, и ми се јави да ми каже дека има сценарио и кога го прочитав веднаш сфатив дека за мене го напишал главниот лик. Ова е тешко да прифатам, да се сними, му реков, ако заедно го допишеме сценариото, да дојдам, нема проблем. Така и се случи, тоа беа прекрасни осум дена во Словенија. Заедно со Уршка го доработувавме. За жал мораше да претрпи многу промени поради ограничениот буџет. Доста инвеститори се откажаа, а филмот немаше пари од Словенечкиот центар за филм – вели Коцев.
Тој додава дека ова е филм за човековата прва и последна шанса во животот. Светски познат маркетинг адвертајзер од Македонија, Аце, кој треба да стигне на еден настан во Словенија, никако да стигне. Ова е прв филм жанровска комедија за Коцев кој признава дека воопшто не било лесно да го направи.

– Додека пишуваш сценарио и спремаш улога размислуваш за тоа дека мора да бидеш допадлив на публиката. Филмот е направен со мининални услови од неколку спонзори. Ми беше малку тешко во средина во која скоро никого не познавам, не да се наметнеш, туку да оставиш впечаток да докажеш дека тоа што си го направил досега. Нова средина, јазична бариера, но сепак го има.., оти помладите не разбираат српски – вели тој.
Токму по негова сугестија и Јелена Јованова стана дел од филмот.
– Некако и мене ми требаше поддршка во таа средина каде никого не познавав. Во тој психолошки несигурен простор ми требаше личност што ме знае целиот мој живот. Со Јелена сме поминале и добро и лошо, плус таа живее во Хрватска буквално тимот стана како Југославија во мало. Јелена веднаш се нафати и многу се радувам поради тоа – вели Коцев.
Јелена ја глуми Каја. Улогата е напишана за Словенка, но поради краткото време што го имале за адаптација, избрале улогата да биде Хрватка која кратко време живее и работи во Љубљана.

– За жал или моја среќа кандидатките кои биле повикани на кастинг нè „кликнале“ со ликот, жанрот и со Сашко како главен партнер. Кога во еден разговор паднале на муабет за мене бидејќи режисерот Тин ме планирал за друга улога, по препорака на Сашко наместо за споредна ме повикаа на кастинг за главната улогата. Така Каја ме најде мене. Таа е шармантно невротична, упорна и истрајна маркетинг-агентка која откако ќе изгуби скоро сè, се обидува со сите сили повторно да си го заузда животот! На патот кон целта да си го поврати интегритетот и кариерата наидува на нешто најслатко, на љубов! – ни раскажа Јованова.
Таа додава дека со Сашко се познаваат буквално како „стари пари“ и уживање било да се работи.
– Мислам дека тоа што си се имавме таму подеднакво значеше и за едниот и другиот посебно кога во друга земја работиш независен филм. Кога секој ден пука од герила, но и од ентузијазам кај сите да се даде и направи најдоброто. Најголемиот предизвик во таквите услови беше да се истрае во позитивното лудило да се сними филмот до крај – вели нашата актерка.

Филмот се снимаше во 2021 година среде пандемијата со коронавирусот. Се разбира и тие морале да почитуваат правила за протоколи, вакцини и слично. Коцев се сеќава на една анегдота, кога додека снимале во хотелот „Радисон блу“, кој е и спонзор на филмот, му се јавила директорката на хотелот дека инспекција проверува кој е вакциниран.

– Во екипата на филмот бевме 45 луѓе, а од нив само тројца бевме вакцинирани. Како стигна информацијата, сите прелетаа нагоре на кровот во една просторија и се заклучија. Беше многу забавно за време на снимање иако морам да признаам, Словенците се многу поразлични од нас, учтиви се и многу одморени во своите емоции. Ја гледате почитта, ама емоциите тешко излегуваат надвор. На пример, во една прилика возев 20 часа, бев изморен и одам да ги видам целиот еуфоричен, а тие ми се свртеа и ми велат: Еј здраво, стигна? Добре дојде. Изразните средства се различни. Едноставно различно сонце не грее – вели Коцев.
Тој се надева дека филмот ќе ѝ се допадне на публиката, а најавува дека во Македонија ќе пристигне во април во киното „Синеплекс“.





