Премиера на „Сакатиот од Инишман“ од Мекдона во режија на Јане Спасиќ во Куманово

„Сакатиот од Инишман“ е насловот на претставата чија премиера е закажана за вечерва во 20 часот во Центарот за култура во Куманово. Претставата е според култниот текст на Мартин Мекдона, во режија на Јане Спасиќ. Мекдона е омилен автор на Спасиќ, кој истакнува дека се радува што може да го постави овој текст токму во Куманово.

– На публиката ќе им донесеме приказна која и ќе ги насмее и ќе им ги размрда срцата, нешто што е карактеристика за творештвото на Мартин Мекдона. Освен, убавите моменти од процесот ќе излезам со една тажна мисла, а тоа се импровизираните сценски услови во кои работи ансамблот, кој од петни жили се бори со условите за работа. Иако театарот може да се игра секаде, тоа не треба да биде пораката денес во 2025 година. Културата се грижи за луѓето и публиката и ги издигнува културно и духовно, но треба да има цврсто тло за тој културен чин. Секој ден додека се одложува решавањето на ситуацијата со театарот во Куманово, градот и Македонија ќе ги губат најубавите години на овој талентиран ансамбл, а Куманово секој ден губи дел од својата душа. Овој ден е за славење на премиерата, но и за заложба за културата – вели Спасиќ.

Во претставата играат: Кети Дончевска Илиќ, Нина Максимова, Мирослав Петковиќ, Жарко Јовановиќ, Никица Јанковски, Анастасија Трајковиќ, Марко Трајковиќ, Давид Илиќ и Владанка Крстевски.

Актерите се надеваат дека претставата долго ќе се игра.

– Ова е претстава на чудни ликови, слободни во изразот, говорот. Се работи за мала група луѓе сместени на мал остров во Ирска. Нивниот живот е испреплетен се навредуваат, се сакаат … и покрај некоја суровост се работи за исклучително чувствителни луѓе кои носат длабока емоција на емпатија и сакање на другиот, кажа Илиќ.

Сподели