На Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје утре во 12 часот ќе се одржи промоција на три нови изданија. Ќе бидат промовирани: „Етнографски материјали од проф. Ѓорги Здравев“ во уредништво на проф. Инес Црвенковска Ристеска, „Долно Дупени: етнолошки белешки од животот и обичаите на една населба во Долна Преспа“ од Бранислав Русиќ, во транскрипција и превод од српски на проф. Љупчо Ристески и најновиот број 25 од списанието „ЕтноАнтропоЗум“.
Промотори ќе бидат м-р Славица Христова, етнолог од Музеј на град Скопје, проф. д-р Јанис Манос од Универзитетот „Македонија“ во Солун, Грција и д-р Миладина Монова од Бугарската академија на науки од Софија, Бугарија.
Бранислав Русиќ ги вршел своите теренски истражувања во Преспа во периодот по Втората светска војна, време кога селското и земјоделското население забрзано почнало да бележи опаѓање, а миграцијата село-град да се засилува. Оттаму, неговите истражувања денес претставуваат мошне вреден историски извор за проучување на локалната историја, на секојдневниот живот, миграциите, промените во етничката и демографската структура и сл.
Проф. Ѓорги Здравев е еден од најголемите познавачи на македонската народна носија, уметник и костимограф, некогашен професор на Институтот за етнологија и антропологија. Во втората половина на 20-тиот век, тој спаѓа меѓу ретките истражувачи и теоретичари на етнографските и естетските карактеристики на македонската народна носија и целокупното текстилно народно творештво. Овие белешки од неговите бројни теренски истражувања низ Македонија ни даваат увид во начинот на неговата работа, но и податоци за социо-културниот контекст од што може да се увиди општествената функција на облекувањето.





