„Фамилијата Адамс“ во режија на Теа Беговска премиерно ќе биде изведе вечерва во 20 часот во Драмски театар Скопје. Режисерката Теа Беговска воедно е и автор на текстот и адаптацијата за претставата. Во уметничкиот тим што ја работеше „Фамилијата Адамс“ се сценографот Никола Пијанманов, костимографите Ратка Џамбазовска Коцев и Раде Василев, а музиката е на Енес Беговски. Кореографијата ја направи Бојан Лазаров.
Ликовите во претставата ги играат актерите: Предраг Павловски, Трајанка Илиева Вељиќ, Гордана Ендровска, Нина Елзесер, Сашо Тасевски, Томислав Давидовски, Марјан Наумов, Емилија Мицевска, Златко Митрески и Маја Вељковиќ Пановска.
Ликовите на духови во претставата ги играат студенти на Факултетот за драмски уметности и Факултетот за театарски уметности при Интернационалниот Универзитет Еуропа Прима: Јована Миладинова, Ема Лазарова, Луна Миќевиќ, Стефан Арсиќ, Кристијан Петковски, Енис Билаловиќ, Анастасија Митровска и Мартин Мазнев.

Режисерката Теа Беговска во програмската белешка истакнува дека: Фамилијата Адамс е „нормалното” во ненормалното. Како Светот да се претворил во една голема Фамилија Адамс, која секоја општествена и социјална ненормалност ја прифаќа и живее како нормална. Овие добро препознатливи и екцентрични ликови со мрачен хумор, сместени во т.н. гробница на Светот (каде се закопани нивните предци) – „танцуваат” во својата нормалност, во своите вредности за живот и смрт. Овој мрачен дом на Фамилијата Адамс е светилиште каде се слави смртта, но, се слави и љубовта – тајната состојка со која опстојува династијата Адамс. Светилиште во кое и нормалните стануваат ненормални на свој начин.
Режисерката Беговска појаснува дека: „Во денешниот свет, каде секојдневието станува се’ поголем хаос, Фамилијата Адамс е можеби симбол за издржливост. Тие остануваат цврсти во својата посветеност еден кон друг, незасегнати од тој надворешен хаос. И така се’ до крај… се’ до крајот на животот… а и после тоа“.
Од Драмски театар ја информираат публиката дека во претставата се користат пиротехнички средства и нагласени звучни ефекти. Како консултант за овој сегмент во претставата е ангажиран Методија Најдоски, професор од Институтот за хемија при Природн-математичкиот факултет во Скопје.
Претставата „Фамилијата Адамс“ ќе биде на редовниот репертоар театарот и прва наредна изведба е на 27 декември во 20 часот.

Директорот на Драмски театар, Роберт Вељановски го отвори прашањето зошто се поставува овој текст? Живееме во време кога ненормалното стана нормално. И на тоа нормално, тогаш што е ненормално, прашува тој.
Филмовите од 1991 и 1993 година се најблиску до мојата генерација и нешто најблизу до она што го паметам. Мојата претпоставка беше дека тоа би го паметеле сите, и некако се фокусирав само на тие два филма, како нешто што за актерите би било појдовна точка од каде што ќе тргнат да истражуваат, да црпат. Ние не би требало да гледаме и да имитираме, но овој пат имавме таква задача. Имавме исклучително тешка задача да направиме филм во театар, затоа што театарот има други изразни средства. Се потрудивме максимално да и го пренесеме на публиката она што треба да го види од Адамс фамилија, посочи Беговска.
Како што потенцираше, целиот тим активно и креативно се вложил во целиот проект.
– Целиот тим многу активно и креативно се вложи во овој проект и тоа за мене беше многу олеснителна околност, затоа што како цел тим активно работевме на претставата. За мене ова беше многу интересен и креативен процес, многу големо искуство. Имаше многу убава енергија меѓу актерите и мислам дека направивме претстава која што ќе биде интересна, рече Беговска.
Актерката Нина Елзесер која ја игра улогата на Венздеј Адамс, на прес-конференцијата рече дека ова не е само темна приказна, туку приказна во која постојат многу светли точки. Како што рече, претставата е спој на темното и светлото.
– Мислам дека ова не е само темна приказна. Сепак, има многу светли точки во темната приказна. Ова е еден спој на темното и светлото и треба секој да дојде и да ја погледне, рече Елзесер.
Актерката Трајанка Илиева Велиќ која ја игра улогата на Мортиша Адамс, рече дека е предизвик да се играат култните ликови на „Фамилијата Адамс“. Како што посочи, провокација е да се скинат сите мимики и гестови и фацијалните експресии на популарните ликови. Напомена дека претставата е наменета за деца над девет години, а може да ја гледаат и повозрасните.
Актерот Сашо Тасевски игра на сцена по шест години. Тој призна дека имал и по малку трема и предизвик како ќе ја создаде својата улога и им се заблагодари посебно на студентите што играат во претставата за поддршката.





