Завршува годината многу значајна за сите што го практикуваат, го проучуваат и професионално се занимаваат со македонскиот јазик, година во која уште на почетокот (26.1.2024 г.) беше донесен новиот Закон за употребата на македонскиот јазик. Година која влеа надеж дека конечно ќе почнат да се средуваат работите во врска со (не)употребата на македонскиот јазик во нашето општество и ќе почне да функционира Законот на сите нивоа, во сите области и со сите измени и дополнувања.
Донесен од страна на Собранието на Република Северна Македонија и поздравен од страна на целокупната јавност, новиот Закон за употребата на македонскиот јазик предвидува неколку новини што се во насока на поголема грижа, примена и заштита на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо преку:
– проширување на опсегот на задолжително лекторирање текстови што се објавуваат јавно и задолжително објавување на името на лекторот (член 7);
– задолжително вработување лектори во сите јавни установи и институции, во органите на власта, во сите државни институции, училишта, издавачки куќи, медиуми (член 6 и член 9);
– формирање Инспекторат за употребата на македонскиот стандарден јазик кој ќе врши инспекциски надзор над примената на Законот и на прописите донесени врз основа на овој закон (член 22 и член 40).
Колку од сето ова е испочитувано или се применува како резултат на новиот Закон кој стапи во сила на 29.1.2024 г. со објавувањето во „Службен весник на РСМ“?! Роковите предвидени со Законот веќе се изминати и надминати така што би рекле дека многу малку или речиси ништо не е направено.
Здружението на лекторите на Република Северна Македонија јавно ги повикува Министерството за култура и Владата на РСМ да се произнесат во врска со (не)примената на Законот за употребата на македонскиот јазик. Крајно време е лекторите да го добијат своето заслужено место во нашето општество, а лекторството како професија да биде ценето, признато и прифатено на нивото што го предвидува Законот за употребата на македонскиот јазик. Зашто и ова ееден од начините на кој се грижиме и го штитиме македонскиот јазик – преку задолжително и квалитетно лекторирање на сите текстови и материјали што се објавуваат јавно.
Исто така, го повикуваме Министерството за култура на РСМ задолжително да предвиди сума за лекторирање на книгите што ќе бидат прифатени на годишните конкурси за поддршка на проекти од национален интерес во културата.
Здружение на лекторите на Република Северна Македонија
Насловна фотографија: Архива





