На малата сцена во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во Велес , независниот театар „Златен Елец“ од Скопје ќе ја одржи премиерата на претставата „Добри луѓе“, во адаптацијата и режијата на Тамара Стојаноска. Играат младите актери од Велес – Тијана Трајчевска и Филип Христовски. Музиката ја работеше Ива Дамјановски, рекламниот материјал е на Бојана Цилевска, извршен продуцент на претставата е Бобан Алексоски, а материјалите ги преведе Наташа Пеевска.
„Добри луѓе“ е дуодрама работена според Данкан Мекмилан, авторски материјали и инспирација од The Relation Work Project (1976-80) на Марина Абрамовиќ и Улај. Претставата е интимна анализа на една љубовна врска и зборува за предизвиците со кои се соочуваат љубовните парови во денешно време и поставува едно навидум апсурдно, но легитимно еколошко и етичко прашање. Дали е оправдано да се има деца во загаден свет во кој секое суштество создава огромни количества јаглерод диоксид, но и во свет каде што тој нов живот треба да се соочи со некои сериозни егзистенцијални проблеми со можни трагични исходи: еколошки катастрофи, пандемии и огромни економски и социјални колапси?

„Добри луѓе“ ги испитува емоционалните последици од справувањето со огромната климатска криза и тешките одлуки што секојдневно мораме да ги донесеме како поединци и како општество. Се поставува и прашањето дали сме добри луѓе и дали воопшто можеме да бидеме добри луѓе во ваков анксиозен и пластичен свет исполнет со глобална вознемиреност, лоши навики, тероризам, непостојани временски услови и политички немири. Ликовите живеат со анксиозност, паника и притисок од надворешната околина, но тешко и бавно носат промени во своите лични постапки и се губат во системот. Грижата за околината е како маска за нивната вознемиреност и опседнатост со прашањето дали се добри луѓе. Грижата за околината е како маска за нивната вознемиреност и опседнатост со прашањето дали се добри луѓе. Тоа што тие двајца постојано се грижат и паничат, само по себе е еден вид заменски активизам; нивната пасивна грижа станува доказ за нивната добрина и ја негира потребата за реално дејствување – вели режисерката Стојаноска.
Од „Театар Златен Елец“ изразуваат благодарност до „Јавна соба“ и Театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ за отстапениот простор и техничката поддршка.
Проектот е реализиран со поддршка од Министерство за култура.
Театар „Златен Елец“ во месец ноември патува низ државата со новата претстава за деца „Чудесниот напиток“ во авторство на Надица Петрова.
Дуодрамата „Кенди“ во режија на Тамара Стојаноска е селектирана во рамките на фестивалот МОТ 2023, во МКЦ од 22 часот. „Не се курчи“, „Грета“, „Пингвинот“, „Тајната книга на дедо“ се претставите кои исто така ќе имаат изведби месецов во Скопје и низ државата, велат од „Златен Елец“.





