Средба со Васко Марковски, авторот на „Урбани легенди“, книгата на ноември во Градската библиотека

Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ од Скопје организира разговор со Васко Марковски, авторот на „Урбани легенди“ („Бегемот“), книга на месецот, утревечер во 19 часот во спомен-собата „Т’га за југ“. Ве каниме на незаборавно возење со култниот „Лејланд“ по скопските улици до култните топоси на градот: Кенан, Дестан, Коцка, Зизи, Ван Гог!

-Ве каниме на средба со и средба за култни ликови од градот кои со право го носат епитетот „урбани легенди“. Ве каниме на необичен разговор за Скопје со Васко Марковски – скопјанец, патеписец, раскажувач, колекционер, преведувач, туристички водич и автор на „Урбани легенди“

Разговорот, чиј модератор ќе биде Александра Јуруковска, е дел од вториот циклус на кампањата #ЧитамеСовремениМакедонскиАвтори,  а фрагменти од книгата ќе чита актерот Андреј Серафимовски.

Васко Марковски дваесетина години работел како новинар во повеќе медиуми (радио, печат и мултимедија). Во периодот од 2008-2011 бил главен и одговорен уредник на месечникот „Free guide – Macedonia“, а за неговите патеписи е награден со признанието „Најдобар промотор на Македонија“ за 2010 година. Автор е на поетската книга „Корпоративно утро“, на монографијата „Урбани легенди“, збирката репортажи „Непозната Македонија“ и збирката поезија „Скопски улици“. Реализирал изложба на фотографии „Комши камерџик“, од турски на македонски превел повеќе дела, меѓу кои и сто песни од познатиот турски поет Орхан Вели („Риба во шишето ракија“, Антолог, 2014).

Сподели