Премиера на „Аудиција“ на Милчин во Прилеп

На сцената на театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп вечерва во 20 часот ќе биде изведена премиерата на „Аудиција“ од Александар Галин, во режија на Владимир Милчин. Преводот е на Сузана Киранџиска, а за изборот на музиката се погрижи Ема Маркоска Милчин и режисерот Милчин.

Сценографијата е на Крсте С. Џидров, а костимографија – на Марија Пупучевска. Улогите ги толкуваат: Марија Спиркоска Илијеска, Даниела Иваноска, Ангела Наумоска, Сара Спиркоска, Јасмина Мицовска Станкоска, Наташа Ачански, Илија Волчески,  Александар Тодески, Игор Трпчески, Зоран Иваноски и Михајло Миленкоски.

Горчливата комедија „Аудиција“, напишана 2000 година зборува за копнежот по малку подобар живот, кој е можен само подалеку од провинцијата и татковината. Мајсторски напишаната пиеса е со динамичен развој на дејствието полно со пресврти. Битката за подобар живот ги дроби и изобличува ликовите кои се фрлени да пливаат во казан во кој нема да потонат само оние кои ќе се откажат од човечноста.

 

Сподели