Вкупно 3.000 професори, асистенти, административни и технички лица на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ќе добијат за 22 отсто повисоки плати од овој месец, а ретроактивно ќе им биде исплатена и разликата за јануари оваа година, соопшти Министерството за образование и наука. Дополнително зголемување за одреден процент ќе има и од месец март, кога е предвидено и зголемување на минималната плата во државата.
– Со ова започнува исполнувањето на обврската на државата која произлегува од колективниот поединечен договор на оваа високообразовна установа потпишан на 29 декември 2022 година, а со примена од 1 јануари 2024 година. Станува збор за обврска согласно колективниот поединечен договор потпишан помеѓу Сојузот на синдикати на вработените на УКИМ и македонското Собранието како основач на високообразовната установа. Целта е унапредување на правата, можностите и материјалната состојба на вработените на универзитетот – велат од МОН.
Примената на договорот се очекува значително да ја подигне мотивацијата за работа и квалитетот на наставно-научниот процес, во интерес на студентите и создавање што поквалитетни генерации кои успешно ќе се интегрираат и ќе раководат со општествените процеси.
– МОН во координација со другите надлежни институции ќе се залага за унапредувањето на правата на вработените во високото образование и науката да продолжи и во иднина, а приоритет ќе биде поттикнување на склучување нови колективни договори и со останатите универзитети – соопшто МОН.





