Проекција на првите снимки на Балканот за одбележување на 60-годишнината од смртта на Милтон Манаки

Еден од позначајните моменти забележани со камерата на браќата Манаки е снимката на 114-годишната баба Деспина како преде во родното село Авдела. Ова воедно е и прв филмски кадар снимен на ова тло

Кинотека на Македонија се приклучува кон одбележувањето на 60-годишнината од смртта на Милтон Манаки. Во вторник (5 март) ќе бидат прикажани документарниот филм „Манаки – Приказна во слики“ за фотографската дејност на Јанаки и Милтон Манаки и ретроспективниот опус од 42 филма кои овие балкански кинематографски пионери ги снимиле со култната Камера 300. Роберт Јанкуловски, редовен професор на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ и основач на „Македонски центар за фотографија“, ќе одржи презентацијата под наслов „Фотографиите на Манаки, записи низ времето“.

Помладиот брат Милтон Манаки во 1963 година, пред својата смрт, ги предал на чување материјалите во Државниот архив на Македонија. Во 1996 година Кинотеката направи 35мм заштитна архивска копија од овие оригинални нитратни филмски ленти (кои денес се чуваат во бункер, заради лесната запаливост), а во 2012/2013 година истите беа дигитализирани и дигитално реставрирани во Унгарската филмска лабораторија во Будимпешта. Веднаш потоа дигитилизираните материјали беа објавени на ДВД и промовирани пред јавноста – велат од Кинотека.

Позначајни моменти забележани со камерата на бражата Манаки се снимката на 114-годишната баба Деспина како преде во родното село Авдела. Ова воедно е и прв филмски кадар снимен на ова тло. Потоа историската посета на турскиот султан Мехмед Решад Петти на Битола и Солун, посетатата на принцот Александар Караѓорѓевиќ на Битола, погребот на митрополитот Емилијанос од Гревена, празнувањето на Водици во Бер и во Битола, празнувањето на Духовден на гробишта, снимки од свадби и други верски обичаи, посетата на големата романска делегација на Битола и околината, празнични поворки за време на Хуриетот, односно Младотурската револуција, итн. Пред проекцијата, професорот и советник филмолог д-р Атанас Чупоски ќе има излагање за делото на Милтон Манаки, а присутните ќе добијат примерок од ДВД изданието со дигитално реставрираните филмови на Браќата Манаки.

Милтон Манаки е роден 1880 година, во влашкото село Авдела, во близина на Гревена, денешна Грција. Тој бил две години помлад од Јанаки, но за разлика од него не покажал голем интерес за школо, туку повеќе бил авантурист и боем. Фотографскиот занает го усовршува под менторство на Јанаки, во нивното прво фотографско ателје во Јанина, а во 1905 година браќата го отвораат познатото фото-ателје на битолскиот Широк сокак. Во тој период, според подоценежните раскажувања на Милтон, Јанаки ја набавил филмската камера со сериски број 300 од моделот Bioscope, произведена од компанијата Charles Urban Trading Co. Тогаш започнува и снимателската активност на браќата Манаки и тие на филмска лента ќе забележат многу настани, верски и етнографски обичаи, воени и цивилни паради, армии, политички фигури итн., денес бесценети сведоштва за историјата и на Битола и битолскиот крај, но и за целата држава.

Милтон го надживеал Јанаки за цела деценија и починал во 1964 година во Битола. Целокупното творештво браќата Манаки – и фотографското и снимателското – една година пред своето заминување Милтон ќе ги депонира во Државниот архив во Скопје и Околискиот историски архив во Битола. Оттаму денес можеме да се пофалиме дека нашите државни институции се чувари на значајното творештво на Јанаки и Милтон Манаки.

Сподели