Третата матурска забава Night to Shine за лица со попречености на 13 февруари обедини над 250 поединци на едно место, на свечен настан кој испрати порака дека секој човек заслужува да биде виден, прославен и прифатен. Во духот на оваа вредност, учесниците уживаа третман на неприкосновени ѕвезди: црвен тепих, многу музика и танц, програма прилагодена за сите и тим волонтери кој придружува и помага на секој гостин.

Настанот го организира скопската евангелска црква Соулкрафт. Под водство на пасторот и теолог Никола Галевски и тимот од повеќе организации во хотелот „Мериот“ во Скопје се создаде простор каде што различноста се доживува како вредност, а не како пречка.
– Црвениот тепих на Night to Shine беше распослан за да Ве инспирира да ги погледнеме во очи луѓето крај кои секојдневно минуваме можеби со наведната глава или со поглед вперен во телефонот. Ова е чин на раѓање на искрено разбирање на различноста како на раскошна полифонија на автентичноста, истакна Галевски.

Иницијативата е повик до целата заедница дека попреченоста не е слабост, туку е дел од човечкото искуство. Само кога заедницата се грижи за сите свои членови, таа ја покажува својата вистинска сила и карактер.
– Во вртлогот на современиот живот, едно од најитните и најредовните прашања е што навистина правиш за другиот. Оваа вечер не ја организиравме за да се чувствуваме ние како ’добри луѓе’, оваа вечер се случи за да ја споделиме најголемата среќа во животот – тоа е уверувањето дека сме сакани поради тоа што сме. Ние не им подаривме ништо ново, само им го вративме она што им припаѓа – сувереното право на целосно прифаќање, заклучува Галевски.

„Night to Shine“ е иновација на Фондацијата „Тим Тибоу“ (Tim Tebow Foundation) за радикална инклузија, која ги урива традиционалните бариери на социјална невидливост на лицата со попреченост. Тибоу, поранешен професионален спортист (американски фудбал), е основач на фондацијата и иницијатор на оваа глобална мрежа на прослави за луѓето со попреченост. Проектот од скромен почеток прераснува во светски феномен кој низ годините ги обединува црквите – домаќини, волонтерите и семејствата во едно со цел да им се врати достоинството и радоста на оние кои често остануваат невидливи.





