Брендирањето со мирис (scent branding) е новиот незаборавен дел при креирање на меморија за еден град
Пишува: Ива Трпески
Првиот и најреалниот впечаток за одредено место е кога за прв пат пуштаме нога на истото. Скопје мириса на печени костени. Њујорк мириса на пареа од метро и масло во кое се пржи помфрит. Истанбул мириса на зачинет чај и морски ветрови. Амстердам е уникатна комбинација од мирис на каналска вода, топли вафли и кафе, додека пак Лондон, во некои области се карактеризира со мириси од сообраќај, средства за чистење и јавен превоз.
Металниот мирис на метро, мирисот од пекари, морскиот воздух или аромата од индустриски постројки делуваат како невидлив потпис на градот.
Ние луѓето, креираме слика и мемории за одредени работи, врз основа на тоа каква перцепција добиваме од нашите сетила. Мапираме, препознаваме и паметиме. Оттука произлегува едно многу интересно прашање: „Како градовите го градат својот идентитет преку мирис?“
Местата го создаваат својот идентитет со внимателно обликување и негување на препознатливи „мирисни пејзажи“ (smellscapes) – олфакторен еквивалент на силуетата на градот – кои комбинираат природни, индустриски и кулинарски мириси за да создадат уникатно чувство на место. Овој процес сè повеќе се препознава како форма на културно наследство и алатка за „градење на место“ (place-making), каде што специфичните мириси им помагаат на жителите и посетителите да го препознаат, почувствуваат и запомнат градот.
Слично на визуелните знаменитости, истражувачите и уметниците идентификуваат интересна појава која ја нарекуваат „мирисни обележја“ – специфични локации или области со уникатни, запаметливи мириси. Во светската литература, ова може да го сретнеме како „smellmarks“ кое се гради, според когнитивните психолози, од две клучни искуства:
- Мирисни прошетки (Smellwalks):
Урбани истражувачи, граѓани, туристи се движат низ градовите и со сетилото за мирис ги бележат, опишуваат и мапираат мирисите.
- Визуелизација на невидливото:
Овие мапирања ги претвораат олфакторните искуства во визуелни мапи („Smellmaps“) на градовите, на пример препознавање на мирисот на каналска вода и вафли во Амстердам или мирисот на слад во Единбург.
Исто така клучен фактор, при истражување на некое непосетено место, се препознатливите и силни мириси кои се клучни за истото. Под тоа подразбираме кулинарски мириси. Аромата на одредена храна, како мирисот на кимчи со чили во јавниот превоз во Сеул во зима или мирисот на кафе во Милано.
Додека храната и пијалоците си го оставаат својот белег, знаменитостите односно урбаното планирање се користи како алатка за регулирање на овие „мирисни пејзажи“. Урбанистите почнуваат да го третираат мирисот како важен, а не само негативен дел од градското искуство. Во нивниот фокус се дизајнирањето миризливи простори.
Наместо само „стерилизирање“ на градовите, планерите можат да користат миризливи растенија и дрвја за да го подобрат мирисниот пејзаж.
Зачувување на наследните мириси е всушност идентитетот на градот – второто име на истиот. Како што се заштитуваат згради, некои градови се обидуваат да идентификуваат, „архивираат“ и заштитат специфични локални ароми, како програмата „100 миризливи сцени“ на јапонското Министерство за животна средина, која вклучува историски улици и природни локалитети.
Иако често се користи од бизниси (на пример, мирисот на кафе во кафуле), принципот и улогата на создавање „препознатлив мирис“ сè повеќе се применува и во урбани простори за да се поттикне туризмот и да се создаде позитивна и уникатна атмосфера. Брендирањето со мирис (scent branding) е новиот незаборавен дел при креирање на меморија за еден град.
Насловна фотографија: Википедија / By Ввласенко – Own work, CC BY-SA 3.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=37287756





