Преку теренски посети, научни соработки, презентации и учество на регионални настани, Земјоделскиот институт од Скопје ја зацврсти својата улога како клучен научен и развоен партнер во земјоделството и руралниот развој
Земјоделскиот институт од Скопје реализираше низа значајни активности насочени кон развој на руралните средини, поддршка на агро-екотуризмот и јакнење на соработката со меѓународни партнери во последниот месец. Преку теренски посети, научни соработки, презентации и учество на регионални настани, Институтот ја зацврсти својата улога како клучен научен и развоен партнер во земјоделството и руралниот развој.

Во рамки на Skopje Design Week се одржа конференцијата „Е-75 – Основа за развој на креативен туризам и негова одржливост“, организирана од Министерството за култура и „Јавна соба“. На конференцијата беше отворена темата за креативниот туризам како нов простор за развој, потенцирајќи дека локалните приказни, традициите и природниот амбиент можат да создадат уникатни туристички доживувања. Беа претставени 11 успешни агро-екотуристички приказни од земјата. Овие иницијативи се мапирани во рамките на проектот „Заживување на традицијата и зачувување на природата“, имплементиран од Земјоделскиот институт, со поддршка на Амбасадата на Словенија и словенечкиот Фонд за развој.

Во рамките на Skopje Design Week беше организирана и работилница посветена на развојот на руралните домаќинства, каде учесниците ги презентираа своите идеи, а со менторите работеа на подобрување на концептите, услугите и приказните што стојат зад нивните туристички понуди. Посебен акцент беше ставен на административните пречки, инфраструктурата и потребата од координирана институционална поддршка.
Во Тбилиси, Земјоделскиот институт и Научниот истражувачки центар за земјоделство при Министерството за земјоделство на Грузија потпишаа Меморандум за соработка.

– Со овој документ се отвораат можности за заеднички истражувања, размена на искуства, учество на интернационални програми и развој на нови научни проекти – велат од Институтот.
Во соработка со Амбасадата на Словенија, на 3 ноември беа реализирани две важни теренски посети кај жени претприемачки кои вложуваат во руралниот туризам. Првата посета беше кај Марија Дуда во Ранковце, која гради концепт на horse retreat и се грижи за спасени животни. Просторот што го создава е комбинација од терапевтско искуство, љубов кон животните и рурален мир што има голем потенцијал за развој.

Втората посета беше кај Роза Трајковиќ во Умин Дол, село познато по својата специфична историја и колонистички корени. Трајковиќ ја сподели својата лична приказна и решеноста да остане во местото, да го обновува семејното наследство и да развива рурален туризам кој ја слави локалната автентичност, традиционалната храна и приказните од минатото.

Претставници од Институтот го посетија селското домаќинство Bilkilife во селото Бродец, каде домаќинката Марија Георгиевска ги запозна присутните со својата филозофија за живот во хармонија со природата, билкарството и традиционалните процеси на производство. Гостите дегустираа природни производи, а од средбата произлезе идеја за нова еко-иницијатива која ќе се развива во партнерство со Институтот.

На 31 октомври го посетија и семејното стопанство на младиот земјоделец „Давид, кози, млеко, планина“ во селото Раштак. На средбата присуствуваше и словенечкиот амбасадор Грегор Прескер. Разговорот беше посветен на предизвиците со кои се соочуваат младите земјоделци, особено оние кои работат со козјо млеко и мали фарми. Давид ја претстави својата работа и визија, а посетата беше дел од истиот проект „Заживување на традицијата и зачувување на природата“.





