На 38 години во Гевгелија вчера почина ликовниот уметник Сотир Хаџи-Николов. Неговите колеги уметници од Друштвото на ликовните уметници на Гевгелија со едноминутен молк синоќа во Уметничката галерија Амам ја посветија годишната изложба нему. Изложено е и негово дело.
Сотир Хаџи-Николов дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсекот графика. Беше член на ДЛУГ Гевгелија, како и на центарот „Мултимедија“. Учествувал на симпозиуми во Македонија, Бугарија, Турција, Грузија, како и на повеќе групни изложби. Во последните десет години работеше во Музејот во Гевгелија.
Последниот поздрав е закажан за денес во 12 часот во Градската капела, а погребот ќе биде еден час подоцна.
На изложбата се поставени 19 дела од 18 ликовни уметници. Ја организира Музејот од Гевгелија, по повод Спасовден, ден обележје за градот. Годинава е и дел од програмата за манифестацијата „Гевгелија град на култура за 2025“.





