Почина кралицата Елизабета која најдолго владееше со британскиот трон

Обединетото Кралство и целиот свет се збогува со Елизабета Втора, кралицата која најдолго владееше со земјата во нејзината вековна историја. Толпа луѓе се слеваат пред Бакингамската палата во Лондон за да ѝ оддадат почит на кралицата. Пред само неколку дена таа ја назначи Лиз Трас за премиерка на земјата. Во својот говор Трас рече:

– Таа беше карпата на која е изградена модерна Британија – рече Трас и го најави новиот крал на Обединетото Кралство, Чарлс Трети.

Елизабета Втора е родена како Елизабет Александра Мери на 21 април 1926 година. Таа е постара од двете ќерки на војводата и војвотката од Јорк, Џорџ Шести и Елизабет. Татко ѝ несудено станал крал на Обединетото Кралство откако неговиот постар брат, Едвард Осми абдицирал од тронот. Џорџ Шести бил крал од 1936 до неговата смрт во 1952 кога го наследила Елизабета Втора. Многумина нејзиното владеење го нарекуваат како втора елизабетанска ера.

Винстон Черчил е првиот премиер на Британија со кој соработувала младата кралица. Веќе била мажена со Филип, принц на Грција и Данска, кога била крунисана за кралица. Заедно имале четири деца: Чарлс, Ен, Ендру и Едвард.

За време на Втората светска војна работела како механичар. Честопати јавноста гледаше фотографии и снимки како вози „ленд ровер“ или јава коњи кои до крајот на животот беа нејзина голема љубов. Животот на Елизабета Втора беше одбележан со повеќе скандали во кралското семејство. Меѓу најголемите ќе остане бурниот брак на нeјзиниот наследник Чарлс и принцезата Дијана кој заврши со развод. Дијана во 1997 година загина во тешка сообраќајна несреќа во Париз.

Елизабета Втора доживеа длабока старост со принцот Филип кој почина лани, два месеца пред да наполни 100 години. Чарлс ќе го наследи британскиот трон на 73 години. Прв во линијата за негов наследник е принцот Вилијам.

Насловна фотографија: Wikipedia

Сподели