Започна уште една нова учебна година. Есента е на прагот, лисјето уште не се пожолтени, зимниците уште не се прават (а може годинава и нема да се прават оти пиперките се ко тегла ајвар да купувате)… Не, не е ова уште еден состав за есента во мојот град. Септември – некогаш радост за децата и родителите, денес конфузија за учениците, ноќна мора за родителите, за наставниците… тие најдобро си знаат.
Откако се прерадувавме дека маски во школо се минато, дека родителски нема да имаме повеќе онлајн, тука некаде и како да завршија радостите.
„Од 1 септември учениците ќе ги имаат сите учебници“ – изјави министерот за образование Јетон Шаќири во февруари. „Печатени учебници мора да постојат, но тоа не ја исклучува важноста на дигиталната форма“ – изјави во март. „Учебната година ја почнуваме далеку поподготвени од неколкуте изминати години, учениците од првиот ден ќе имаат учебници и помошни материјали. Ги повикувам директорите да бидат ажурни и да ги преземат од општините“ – категорично најави на 31 август! Некако многу работи не штимаат во изјавите.
Откако во Македонија добивме „бесплатно“ основно образование, истото скапо нè чини. Таман си рековме поминаа две многу мачни години за децата, но и за наставниците и за нас родителите – првата онлајн-хорор-година, втората дел онлајн, дел во живо, дел со штрајк. И таман си кажавме: „Ајде белки се фокусираа надлежните, донесоа нови програми, фатија ритам… кога новите наставни програми за второ и петто одделение со промени започнати во претходната учебна година, Бирото ги донесе во август! Неполн месец пред почетокот на школската година! Зборуваме за реформа што се воведе од минатата година, значи е нешто што треба да се планира уште во почетокот на годината. Како мислите дека ќе нè убедите дека учебнците што нашите деца „можеби“ ќе ги добијат во второто полугодие ќе бидат висококвалитетни, а и лаик знае дека изработка на учебник е гломазна и комплексна работа. Зошто повторно со импровизации, нели ви здосади?
И пак ги изненади 1 септември, па дури распишат конкурси за пишување учебници, па дури најдат идеална фирма да ги испечати… И сега треба да нè смири изјавата на актуелниот министер дека до крајот на првото тримесечје или полугодие децата најверојатно ќе ги добијат учебниците.
И децата и овојпат се колатерална штета. Им го уништија моментот да имаат убав учебник, нов учебник или барем сочуван, да посакаат да го постават, да му се радуваат… Им го одземаа и моментот на добивање свидетелство – денот кој им припаѓа на децата, ним и само ним! Уште ми мириса на радоста со која сме се подготвувале ние како деца, искапени, намирисани да одиме да ги земеме петките, па да го ставиме тоа ливче хартија на маса дома и да чекаме по некоја 100-ка од родителите, бабите и дедовците.
Во 31 година самостојна Македонија во образованието сме еден голем експеримент, импровизација. Почнуваме нешто, не довршуваме. На еден министер му се допаѓа, другиот не го продолжува. Важно фрчат по 10 ПР-фотографии од секој министер за секој можен настан. Да, убаво е што се инвестира во нови училишта и редно беше. Се радувам како мое дете да треба да учи во Долно Блаце, оти ќе се надмине децениската обесправеност децата да учат во својата родна земја (што е обврска на државата да им го обезбеди), а не во соседната држава.
Не ни влејавте никаква доверба дека што и да најавите ќе биде како што треба направено. Материјалите што ги најавувате повторно ќе бидат на грб на наставниците, кои секоја година се исправени пред нов предизвик, што ли ново ќе дојде. Им менувате програми, немаат учебници, им се заканувате со инспекции. Пополнуваат електронски дневници во никое време, оти преку ден системот едвај работи. И уште ли се чудите зошто нема заинтересирани за да учат за идни наставници?
Како тргнала работата, може и нема да треба, оти за некоја деценија и деца нема да има во државава. Лани си печатевме учебници, годинава пак по некои предмети, оти биле дефицит, дури и си позајмуваме меѓу одделенија, барем ги учиме децата на солидарност.
Иако се најавува на време штом завршува старата и почнува новата учебна година и се пријавува бројот на учебници потребни за нова генерација, на учебници им фалат страници, имаат чкртаници, недолични зборови, кога тоа ќе се тргне од употреба? Ај доста ни се бесплатни, ви благодариме, скапо нè чинат. Вратете ги учебниците во книжарниците, старите препродавачи на улиците и кој како милува да си ги набавува.
Имаме деца таленти кои ги држи ентузијазам, па ќе им ветите поддршка па нигде ќе ве снема. Бидете искрени, не симнувајте ѕвезди. Ако сте ветиле на семејството на математичкиот талент Македон од Тетово дека ќе му помогнете, сторете го тоа. Ако Дамјан добил златен медал на олимпијада, и ако бил најмал учесник, дајте му стипендија, а не се држете до некој правилник кој самите не сте го направиле правилно, оти не сте предвиделе таква ситуација – дете да се носи рамо до рамо со 2-3 генерации постари од него и да растура по олимпијади. Ако сте ветиле дека септемвриската плата на наставниците ќе биде за 15 отсто повисока, остварете го тоа.
Од партиските и личните интереси 31 година не можеме глава да кренеме. Децата ни се со сомнително знаење, неодамна наставник објави дека на прв час математика во средно треба да се почне со повторување таблица множење до 10. Професорка на Музичка академија не знаеше дали да се смее или да плаче зашто студент „малку“ се збунил меѓу кирилица и латиница.
Како тргнала работата, може и треба да се актуелизира темата за домашно образование, па кој како милува. Оти нема родител чие дете учи во државното образование, кое не се нашло во ситуација да го „брани“ од некаква небулоза поврзана со образованието.