Почина хумористот Војче Китаноски

Почина легендарниот македонски хуморист Војче Китаноски. Веста за неговата смрт на социјалните медиуми ја објавија неговите пријатели и познати личности. Хуморот беше и остана негов заштитен знак. Пет децении ја развеселуваше македонската публика со неговите шеги и незаборавни имитации и за себе вечеше дека е првиот стенд ап комичар во поранешна Југославија.

Војче е роден во 1955 година во селото Крапа, Македонски Брод. Завршил гимназија во Кичево. Дипломирал на Шумарскиот факултет во Скопје, а подоцна и на туризам по желба на неговите родители и имал лиценца за туристички водич.

Од 1985 до 1991 година соработувал со легендарниот српски пејач Тома Здравковиќ и гостувал на стотици негови концерти на просторите на некогашна Југославија. По игра на случајноста, во 1983 година во Штип, менаџерот на Мики Јевремовиќ го ангажирал да гостува на сите десетина концерти на познатиот пејач во Македонија, што за него била голема отскочна штица. Подоцна Мики го ангажирал да го придружува и на концерти низ поранешна Југославија и на некој од нив го забележал менаџерот на Тома Здравковиќ.

Тој е автор на книгата со најубавите вицеви за деца „Антологија на 500 вицеви за деца“ и книгата „Енциклопедија за хумор“, во која, преку своите доживувања и анегдоти раскажува за својот живот.

Сподели