„Микроверзум“ е плод на лични животни искуства и мислата дека мене никој не ме прашал ова досега

Придобивката е, како што кажува и самиот слоган – ѕиркање во светот внатре. Низ прашањата има различни тежини и нивоа, кои не се обележани, бидејќи „тешко“ и „лесно“, како што би рекол Кундера во „Неподнослива леснотија на постоењето“ не се сместува во универзална категорија, туку во лична, интимна – вели креаторката на играта, Лилјана Танчева-Мехмед

Во време кога најголемото внимание ни е насочено кон телефоните и туѓите животи, некако како да подзаборавивме на своите и на блиските околу нас. Дури и кога разговараме, неретко разговорите се површни, не знаејќи можеби и да ги поставиме вистинските прашања. Во ера на развиен индивидуализам, нашите внатрешни светови остануваат неретко неотриени или недоистражени. Содржината на „Микроверзум“ е плод на многу неспиени ноќи, лични животни искуства и реализацијата дека „мене никој не ме прашал ова“ – вели Лилјана Танчева Мехмед, креатор на македонската друштвена игра „Микроверзум“, која од пролетва може да се најде кај нас. Нешто различно, нешто провокативно за луѓето што сакаат да разговараат поотворено, да нурнат во својот, но и во светот на соиграчот.

Разговараме со Танчева-Мехмед, гевгеличанка која во последните години е особено посветена на едукацијата за медиумска писменост помеѓу младите, а во моментов е на мастер-студии од областа на медиумските комуникации во САД.

Како настана „Микроверзум“?


-„Микроверзум“ е идеја, иницијатива, па продукт, инспирирана од идејата за подлабоки и посодржајни разговори помеѓу луѓето. Во време кога најголемото внимание ни е насочено кон телефоните и туѓите животи, некако како да подзаборавивме на своите и на блиските околу нас. Дури и кога разговараме, неретко разговорите се површни, не знаејќи можеби и да ги поставиме вистинските прашања. Во ера на развиен индивидуализам, нашите внатрешни светови остануваат неретко неотриени или недоистражени. Содржината на „Микроверзум“ е плод на многу неспиени ноќи, лични животни искуства и кога ќе сфативме дека „мене никој не ме прашал ова“. Ноќите се спомнати бидејќи токму во тој период од денот се случило да дојде до најранливите разговори и излегуваат прилично длабоки одговори, кои сами по себе знаат да резултираат со други прашања и така еден убав круг кој роди идеја. Личните искуства донесоа потреба за „психотерапија при рака“, од разговорите со другарките во кои талкаме и лутаме низ темите, времето поминало, до поентата не сме ни стигнале, ете како некое структурирано движење на продуктивен разговор. Можеби најважниот дел се собирани прашања од мемоарите со најтесното семејство – партнерот, родителите. Најинтензивно живееме со нив. Често забораваме да ги поставиме вистинските прашања кон вистинските луѓе во нашиот живот. Нѐ обзема секојдневието, премолчуваме, влегуваме во ритам. Идејата е да прашаме и да бидеме прашани баш она кое не се зборува често.

Дали станува збор за франшиза или оригинална игра?

-„Микроверзум“ е оригинална игра на македонски јазик. Искрено е инспирирана од светски познати изданија како We’re not really strangers и играта Where should we begin на познатата психотерапевтка Естер Перел. Но, нашиот менталитет си има посебна нишка, која е запазена при формулацијата и тонот на прашањата. И дизајнот е продукт на наша етаблирана артистка, графички дизајнер и илустраторка, мојата драга Катарина Пренда, која на прва, без многу објаснувања, ја сфати суштината и потребата за едноставен, а впечатлив пристап/дизајн, па од таму и елегатното издание и пакување. Потоа го пројдоа филтерот на лектор, за да го запазиме и нашиот јазик и неговите стилски обележја и правила. Картите се произведени, печатени и пакувани во македонска печатница.

Истражувајќи го пазарот и пошироко, дали наидовте на слични производи низ Европа, можеби?

– Барајќи да нарачам за себе од некаде, не успеав да најдам ништо поблиску од веќе споменатите, па и тоа пакетче дојде дури од преку големата вода. Подоцна дознав дека има и во Хрватска ваков продукт, кој се вика Prichaj mi o sebi, кој исто сам по себе зборува за содржината како и слоганот на „Микроверзум“ – Ѕирни во светот внатре. Сите се игри со прашања кои имаат за цел да допрат до нашиот внатрешен свет, да се создаде простор во кој би биле фокусирано слушнати и подобро да го запознаеме другиот и себе.

Кои се најважните придобивки од играњето на „Микроверзум“?

– Придобивката е, како што кажува и самиот слоган – ѕиркање во светот внатре. Низ прашањата има различни тежини и нивоа, кои не се обележани, бидејќи „тешко“ и „лесно“, како што би рекол Кундера во „Неподнослива леснотија на постоењето“ не се сместува во универзална категорија, туку во лична, интимна. Низ прашањата можно е да се споите со внатрешното дете, со идниот ти, со сегашните мачнини, како кај себе, така и кај соиграчот. А потоа, следи придобивката од поправање на односите помеѓу соиграчите, зближување и подобро меѓусебно разбирање.

Играта содржи две нивоа – ниво 1 „Запознавање“ и ниво 2 „Поврзување“. Секој од нив содржи по 60 карти – 50 прашања и 10 џокери (дејствија). Во ниво „Запознавање“, ќе најдете прашања кои ќе ви помогнат подобро да го запознаете соиграчот. Но, и себе. Таму има прашања кои ќе ве натераат добро и искрено да размислите пред да одговорите кога ќе бидете прашани – стравови, желби, спомени и трауми. Има и прашања кои ќе ви бидат од голема корист за суштинско запознавање на другиот.

Дали е вистината симпатична или не, е лично доживување.
Во второто ниво е она за поврзување. Екстремно блиски личности, како лица во долгогодишен брак, сестри, другари од градинка, може и да поминат директно на ова ниво. Иако и „Запознавање“ ќе ги однесе на убави патеки. Ќе дознаат ои работи се промениле во меѓувреме. Во ниво „Поврзување“ ќе ја видите сликата на другиот за вас, вашата за нив, а и вашиот однос. Каде има недоразбирања во вашата комункација, што сте научиле еден од друг, каде одат вашите заеднички или лични патеки, се само 3 од 60 прашања кои треба да ве одведат до подобрен однос.

Кој ја бара најчесто?

– Оние кои се подготвени на разговор, во секоја категорија. Ја купуваат и партнери, и мајки за своите деца, и другари/ки за подарок, и друштва за уникатни искуства. Сите оние кои сакаат да отвораат „карти на маса“ и буквално и преносно, ја нарачуваат играта. Сите кои ќе се пронадат во овој опис, можат да ја нарачаат на нашите фејсбук и инстаграм-страници.

Сподели