Почина академик Радован Павловски – принцот на метафората

Радован Павловски во континуитет во изминатите шест децении е еден од најпреведуваните македонски поети во светот. Повеќе книги со негова поезија се објавени на: српски, албански, словенечки, турски, француски, англиски, руски, чешки, романски, есперанто, шведски и бугарски јазик, а во голем број избори на творештвото и на германски, италијански, арапски, грчки и кинески јазик.

Радован Павловски, човекот чија поезија создаде цел еден правец во македонската и југословенската литература и беше еден од најсјајните претставници на модерната, почина вчера на 84 години. Веста ја соопшти Македонската академија на науките и уметностите, чиј редовен член беше од 2006 година.

Роден во 1937 година во Ниш, тогашно Кралство Југославија, Павловски заедно со неговото семејство во 1940 година се враќа во гостиварското село Железна Река каде што го поминува своето детство и завршува основното образование. Железна Река ќе остане дел од него во целиот живот, од младешките, средните и возрасните години и непресушна инспирација. Како што нашиша во истоимената песна „Железна Река“:

„Да седнам да здивнам на тој спржен рид/Злато древно да откопам и со одежда
Царска на времиња стари да се јавам и викнам/Да ја симнам месечината на земја
И целивки и рожби нејзини да најдам“

Откако го завршил средното образоавие во Гостивар, студирал право и литература на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Како и многу поети и Радован Павловски на почетокот работел како новинар, од 1956 до 1962 година прво во радио Скопје, а потоа во „Нова Македонија“.

Својот живот го посветил на поезијата, која ја создаваше повеќе од шест децении. Во 1952 година во списанието „Народно здравје“ првпат е објавена неговата кратка песна „Загонетка“, а во 1955 година се определува за светот на поезијата создавајќи ги првите песни од збирката „Суша, свадба и селидби“. Покрај пишувањето поезија твори и во другите уметности, цртајќи цртежи, карикатури и скулптури.

Работниот век го почнала во декември 1956 година кога се вработува како преведувач и новинар во Радио Скопје (Танјуг), а потоа од 1959 година и во „Нова Македонија“. Од 1964 до 1982 година живее и твори во Загреб, а од 1982 до 1985 година во Белград. Во Македонија се враќа во 1985 година.

– За неговиот творечки пат и поетиката во единство со животот и творештвото во декември 1960 година остварува патување во земјите на источен Медитеран: Кипар (Фамагуста), Сирија (Латакија), Либан (Бејрут), Египет (Александрија и Каиро), потоа во 1981 година е на тримесечен студиски престој во Париз и потоа во Прага од 27 јули до 27 август 1979 го изучува чешкиот јазик, литература и култура на семинарот Летна школа на Карловиот универзитет како стипендист на Чешката влада и Сојузот на чехословачките писатели. Големо значење за неговото творечко искуство имаат и следните посети: во 1973 година со југословенската книжевна делегација остварува петнаесетдневна посета на тогашниот СССР посетувајќи поетски средби во Москва, Ташкент, Самарканд, Волгоград, Ленинград (Санкт Петербург) и учеството на Деновите на македонската култура во Англија во 1979 година каде настапува на поетски средби во „Риверсајд студио“ во Лондон, Оксфорд, Брадфорд, гратчето Хеј он Веј во Велс и на север во Норич, при што тој пишува и патопис, соопшти МАНУ.

Павловски беше член на Друштвото на писателите на Македонија, на Македонскиот ПЕН центар, а бил член и на Сојузот на писателите на СФРЈ. На 10 мај 2006 година е избран за редовен член на МАНУ.

Автор е на книгите поезија: Суша, свадба и селидби (1961/1971), Корабија (1964), Високо пладне (1966), Клима и лира (1966), Езерска земја (1969), Низ проѕирката на мечот (1971), Сонце за кое змијата не знае (1972, на хрватски), Пир (1973, на хрватски), Зрна (1975), Молњи (1978), Стражи (1980), Магија момче (1981), Чума (1984), Клучеви (1986), Марена (1986), Избрани дела во три тома (1986), Темелник (1988), Зрна, Молњи и Клучеви (1989, трилогија), Замок на розата (1990, избор), Бог на утрото (1991), Светлина (1993), Вселенски деца (1993, поезија за деца), Јавач на звукот (1995), Синот на Сонцето (1999), Штит (2001), На едно око“ (2002), Свртничар на светлините (2004), Господар на перото (2006), Океан во капка (2008), Заштитна повелба (2008), Воспеви (2009), Јас сум време (2009), Мојата ѕвезда (2012/2013, собрани дела во три тома) и Се случува вечност (2014).

Добитник е на наградите: Браќа Миладиновци (1965, 2002), 11 Октомври (1971), Кочо Рацин (1975), Повелба на печалбарите (1990), Гоцевата повелба (1991), Ацо Шопов (1995 и 2014), Жезлото на ДПМ (2002) .

Исто така е добитник на наградите „Младост“ (југословенска награда за „Суша, свадба и селидби“, (1961), „Златна струна“ (југословенска награда на анонимен конкурс за песната „Железна Река“, 1975), „24-та Дисова пролет“ (југословенска награда за поетски опус – избор „Момчето што спие напладне“, 1978), Плакета на јубилејната 50. Дисова пролет (1987, како лауреат) и „Ристо Ратковиќ“ (југословенска награда за збирката песни „Темелник“, 1988).

Во 1972 на поетскиот конкурс во Хрватска, ракописот „Пир“ е награден за неговите високи уметнички вредности, а поетската збирка „Зрна“ е прогласена за најдобра книга за 1975 година од Југословенската радио телевизија – оддел за култура. Во 2009 година е добитник на меѓународната награда „Икона Шекспир“ за литература, наречена „Исконски добитник“, што ја доделува Меѓународниот библиографски центар во Кембриџ, Англија. Акад. Радован Павловски за своето творештво е добитник и на Орденот за заслуга за народ со сребрени зраци.

Радован Павловски во континуитет во изминатите шест децении е еден од најпреведуваните македонски поети во светот. Повеќе книги со негова поезија се објавени и преведени во Македонија и надвор од неа: на српски, албански, словенечки, турски, француски, англиски, руски, чешки, романски, есперанто, шведски и бугарски јазик, а во голем број избори на творештвото и на германски, италијански, арапски, грчки и кинески јазик. Творештвото на акад. Радован Павловски е вклучено во разни антологии на современата македонска, европска и светска поезија, соопшти МАНУ.

Сподели