Посветено на Драги Михајловски – човекот светилник на многу генерации

Драги Михајловски, раскажувачот, романсиерот, препејувачот… оној кој постојано длабеше низ слоевите на македонскиот јазик, откривајќи ги неговите чудни, непредвидливи, незнајни длабочини… човекот со чие заминување замина и еден речник на македонскиот јазик – напиша писателот Владимир Јанковски

Најдрагиот професор. Светла точка во моето образование – напиша дипломираниот филолог, наставникот Никола Гелинчески, во чест на својот професор Драги Михајловски, кој почина вчера на 71-годишна возраст. Велат добрите луѓе што прават големи дела нема да заминат никогаш, дури за нив се зборува и спомнува. Така ќе биде и со проф. д-р Драги Михајловски – за секого омилен професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, реномиран автор, преведувач кој на македонски јазик ни го претстави вечниот Шекспир преведувајќи 37 драми и 154 сонети.

Ви споделуваме само дел од убавите зборови од негови студенти, почитувачи на неговото дело.

– Има многу што да се кажува и пишува за извонредните преводи и раскази на Драги Михајловски. Но за ова збогување, се потсетувам на мојата прва средба со него пред 28 години. Кога завршив средно училиште ме интересираа повеќе работи – книжевност, јазици, математика, физика, историја… и не бев сигурна каде да се запишам на факултет. Најпосле одбрав да студирам англиски, но се мислев дали нешто ќе пропуштам со тоа што не студирам некоја од другите области што ме интересираа. На првиот час по англиска книжевност во прва година со Драги Михајловски, каде што зборуваше за една песна на Блејк и за поврзаноста на поезијата со реалноста, сфатив дека сум на вистинското место – Калина Малеска

– Од сите четири години поминати на факултет, единствено се сеќавам на едно предавање што Горан Стефановски дојде да го одржи на студентите од сите генерации, и на повеќе предавања, совети и приказни на Драги Михајловски од предметот Теорија на превод: „Со љубов – и до детаљ!“, „Читајте ја Библијата, читајте го Куранот, луѓе, па вие немате поим колку откачени книги се тоа“, „Што и да правиме, ние се преведуваме“… На едно од предавањата ни зборуваше за Pied beauty – како сега да ми е пред очи: каква радост, каква живост! Човек-светилник. Вечно ќе се сеќавам на него со најдлабока благодарност – Живко Грозданоски

– Си отиде од овој свет и ДРАГИ МИХАЈЛОВСКИ. Голема загуба за македонскиот народ, театар, уметност. Голем писател, поет, преведувач, ерудит и пред се Човек. Ни остави големо наследство кое треба го чуваме, оживуваме и славиме. Единствениот кој ги преведе целокупните дела на Шекспир. Ќе живее преку неговите дела. Вечна му слава!!! Почивај во мир пријателе! – Ѓорѓи Јолевски

– Со препорака на Драги Михајловски го добив првиот голем превод во животот: нобеловката Надин Гордимер за тогашна „Култура“ во 1992 година. Какви крилја од самодоверба ѝ даде на една апсолвентка! Мојот професор веруваше во мене и таа негова доверба ме поведе по овој пат што уште го одам. Преведувајќи од англиски, Драги секогаш го славеше и го прославуваше својот и наш мајчин, македонски јазик. Вечна слава! – Елизабета Баковска

Расказите од „Приказни од шестиот кат“ на Михајловски, режисерот Деан Дамјановски ги постави како театарска претстава во Велес (2015)

– Респект за целиот книжевен опус, ќе го помнам по многу нешта, а најмногу по „Ѓон“, една од најважните збирки раскази во мојата младост. Мечтаевме да пишуваме како него… 1993 година Драги Михајловски и Зоран Анчевски го преведуваа романот „Љубена“ на Тони Морисон, непосредно по нејзиното добивање на Нобеловата награда за литература. Јас работев лектура на македонскиот јазик на преводот. Се гледавме речиси секој ден, преведуваа речиси пред мене. Фрштеа зборови на сите страни. Драги кажуваше по десетици синоними за едно нешто, се смеевме со Зоки. Понекогаш ги откопуваше зборовите од нашите сеќавања, понекогаш, чинам, ги измислуваше, ама секогаш ни беа познати, некако наши, знајни, можни… Тоа беше најубавото јазично искуство во мојот живот. Ми остана зборот баздригалница како подарок од Драги. Ни ден-денес не знам што значи точно. Го нема во речниците, го нема никаде, веројатно остана да постои во таа канцеларија во „Детска радост“, во „Љубена“ и во секоја моја помисла на Драги низ децениите оттогаш. И денес прв збор што ми дојде на ум кога слушнав за заминувањето на Драги е токму баздригалница. Нешто полно со бои, со живи, расползени зборови и многу човечка мекост. Зборот на Драги – нашата негова или неговата наша баздригалница – Оливера Ќорвезироска

– Во сите области со кои се занимаваше ни беше и ќе ни останеш Учител. Вечна ти слава, најдраг Драги – Владимир Мартиновски

– Драги Михајловски, раскажувачот, романсиерот, препејувачот… оној кој постојано длабеше низ слоевите на македонскиот јазик, откривајќи ги неговите чудни, непредвидливи, незнајни длабочини… човекот со чие заминување замина и еден речник на македонскиот јазик – Владимир Јанковски

Драги Михајловски и Венко Андоновски на фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“ (2014 год.)

– Кога ќерка ми почна да ја чита лектирата „Пајажината на Клементина“ ме праша за еден збор. Не го знаев значењето и заедно го научивме. Со таа книга научив многу нови зборови од јазикот кој мислев дека го владеам. Благодарност за Флечер и Флечерица, за најубавите преводи и за сè што направи за нашата култура. Нека ти е светол патот професоре! – Светлана Камџијаш

– Kолку тажно, изгубивме голем двигател во книжевноста и образованието, но пред сè човек. Толку скромен, а толкава величина… неговите дела ете како ќе останат запаметени, тие се дел од кодот/„ѓонот“ на нашиот развој како македонска едуцирана, писмена целина, не само како оставштина и како аманет, туку и како силно орудие против просечноста. Неговото творештво се врежува во нас уште на прво читање, разговорите со него (барем мене), кратки и мудри, а преводите богатство за сегашниве и идни генерации. Познавач и столб на македонскиот јазик. Му благодарам за тоа. Замина на денот на мајчиниот јазик, за него најважниот, без ујдурми. Ковач на зборовите, мајстор на мислата. Нека му е светол патот и нека почива во мир, за нас ќе остане присутен. Вечно. Во сеќавањата. таму каде не постои страв од заборавот, а тие места се резервирани за големини како Драги Михајловски. Сочувство до неговите најблиски. Зракот на крајот од тунелот е најубавиот детаљ, дел од космичката целина. Светлината. мирно пловење, професоре – Митко Гогов

– Најдрагиот Драги, најпрекрасниот, најголемиот даскал на англиската катедра. Даровит, кроток, учен учител. Вечна ти слава! Марија Гиревска

– Вечна Ви слава професоре! Човекот кој го преведе целокупното творештво на Вилијам Шекспир на неговиот мајчин, македонски јазик, замина во вечноста токму на денот на мајчиниот јазик! – Роберт Вељановски

– Писмото. Како дете седејќи на скалите на „Кочо Палигора” во дворот бев свесен за твојата добрина, но не свесен за твојата големина. И јас сум еден од многуте што е благодарен на твоето постоење и за сите твои дела и препеви, за Милтон, за Шекспир… Вечна ти слава – Јован Ристовски Јовица

– Длабок наклон за Бардот, Вавилонецот, најпрофесорот, грандиозниот Драги Михајловски. Ме научи да читам меѓу редови. Преку деталите ни отвори очи и душа да гледаме на животот деконструктивно и без предрасуди. Ни ги подари на прекрасен македонски јазик Шекспир, Милтон, Дан и уште многу „Нераспнати богови“. Светол пат, професоре! – Марија Сарламанова

Сподели