Почнува „Yes фестивал есен/зима“. Промоции, читачки клубови, разговори, креативни работилници за деца

Фестивалот се отвора вечерва во 20 часот во бистрото „Комедија“ со промоција на „11 проверени начини како да ја заебеш љубовта“ од Драгана Лукан-Николоски

Со промоција на „11 проверени начини како да ја заебеш љубовта“, првиот роман на драмската писателка Драгана Лукан-Николоски вечерва во 20 часот во бистрото „Комедија“ ќе биде отворен „Yes фестивал – издание есен/зима“. Фестивалот до 26 ноември ќе понуди богатата програма – промоции на книги за деца и млади, креативни работилници и други културни содржини. Организатор е издавачката куќа „Чудна шума“, се одржува по петти пат, а од мај годинава програмата е проширена за сите возрасти и читатели. На повеќе локации низ Скопје ќе можат да се проследат неколку книжевни настани и промоции, гостувања на европски авторки, читачки клубови, разговори и креативни работилници за деца…

– Ова издание на „Yes фестивал“ е помало по обем од пролетното. Особено сме горди што целиот фестивал е фокусиран на жените. Ставаме фокус на три авторки: македонската писателка, драмска писателка и сценаристка Драгана Лукан-Николоски, шведската авторка, илустраторка и уметница Ана Хоглунд и хрватската илустраторка Ванда Чижмек. Фестивалот е повторно поделен на програма за млади и возрасни, што се покажа како добра практика – велат од „Чудна шума“.

Романот „11 проверени начини како да ја заебеш љубовта“ е издаден во соработка со здружението „Ад Либитум“. Промоцијата нема да биде класична. Присутните ќе слушаат снимени извадоци од книгата, прочитани од актерите Никола Ристановски, Тина Трпкоска и Жаклина Петровска. Следува музички дел по избор на Илина Ангеловска.

Според авторката, Лукан-Николоски, да се зафатиш да пишуваш нешто за љубовта по целата историја на литературата звучи малку бесмислено, па решила да бара што е тоа што ја убива љубовта во времето во кое ние живееме.

– Овој процес и за мене самата беше едно големо преиспитување. Денес, по две години откако го започнав овој ракопис, можам да кажам дека љубовта е нешто што е еднакво на слобода, а живееме во многу неслободни времиња. Општеството и загриженоста за она „што ќе кажат луѓето“ е она коешто нè затвора во кафезот чиј клуч постојано го носиме во џебот. Се надевам дека ова што го напишав ќе им помогне на некои луѓе да посегнат во својот џеб и да се ослободат од прангите на ова патријархално општество – вели Лукан-Николоски.

Драгана Лукан-Николоски

Вечерната програма продолжува задутре (22 ноември) во 19 часот во кафе-бар „Долап“, каде ќе се одржи промоција на графичкиот роман за млади „Да се биде јас“ на наградуваната шведска авторка, илустраторка, уметница и феминистка Ана Хоглунд. Разговорот со авторката ќе го води Лени Фрчкоска, фокусирајќи се на темите, мотивите и симболите во книгата „Да се биде јас“.

Ова е илустрирана книга за млади во која тринаесетгодишната Роса го преиспитува своето место во светот, на паметен начин ги обработува темите за промените во тинејџерството, промените во емоциите, промените на телото, а одговара и на прашањата за сексуалноста и за наметнатите очекувања од околината. Жирито за наградата „Астрид Линдгрен“, која ù ја додели оваа престижна награда на Хоглунд во 2016 година, вели:

Ана Хоглунд

„Ана Хоглунд пишува и илустрира на начин кој е и поетичен и прецизен, и тенденциозен и прекрасен, и современ и безвремен – таа зборува за врските, емоциите, идентитетот и растењето и тоа ги допира и остава печат и на младите и на повозрасните читатели.“

Последниот вечерен настан ќе се случи на 26 ноември во 19 часот, со официјалното отворање на галеријата „Чудна шума“ (која се наоѓа веднаш до кафе-книжарницата „Чудна шума“). На настанот промотивно ќе бидат претставени и новите изданија на „Чудна шума“, графичките романи „Вечната мува“ од Георги Господинов и Никола Тороманов, „Адна“ од Самира Кентриќ, „Теа. Дневник“ од Криста Унцнер и „Тивка војна“ од младиот македонски автор Методија Стојановски.

Билјана Црвенковска (десно)

– Во рамките на фестивалот предвидена е богата програма за деца, со читачки и креативни работилници во повеќе библиотеки – објекти на Градска библиотека „Браќа Миладиновци“, кои ни пружаат огромна поддршка за нашите изданија да стигнат до што повеќе деца. Со нивна помош организираме читачки и креативни работилници за книгите од проектот „Млади европски приказни“ – кој го заокружуваме годинава, а на три работилници ќе присуствува и гостинката на фестивалот, хрватската илустраторка Ванда Чижмек – вели Билјана Црвенковска, уредничка во „Чудна шума“ и организатор на фестивалот.

На креативните работилници се обработуваат и други книги од проектот „Млади европски приказни“: „Овде, во близина, живее едно девојче“, „Беззборовната Ела“, „Куќа без огледала“, „Големата црна птица“, „Мојата бабичка не знае која сум“, „Деветтиот живот на принцот на мачките“ итн.

Ванда Чижмек

Во рамки на читачките клубови што ги организира „Чудна шума“ во соработка со „Мама ми чита“ утре ќе се одржи читање и креативна работилница со Чижмек за книгите „Фати ми го синото мече“ и „Кики, ние те сакаме!“ во одделот за детска литература во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“. Гостувањето на Чижмек и Хоглунд и „Млади европски приказни“, се поддржани од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.

Сподели