Во Даут-пашиниот амам во Скопје, вечерва во 19 часот ќе се одржи промоција на најновата поетска книга на Виолета Танчева-Златева, еден од највлијателните и најпрепознатливи македонски поетски гласови. „На ти со Ерос и Танатос“ излезе од печат во мај годинава, во издание на издавачкиот центар „Три“, и наскоро стана финалист за наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата.
Промотор на настанот ќе биде акад. Иван Џепаровски, кој ќе ја претстави книгата во својот препознатлив ерудитски стил. Ова е 16. книга, а десетта поетска збирка на авторката. Од нив особено се издвојуваат „Година без лето“, што беше наградена со „Браќа Миладиновци“ во 2015 година; „Патот“, која ја доби наградата „Ацо Шопов“ на ДПМ, како и „Глуво време“, со која се запиша во списокот добитници на „Антев златник“ на манифестацијата „Антево перо“.
„На ти со Ерос и Танатос“ се издвојува по својата зрелост и експерименталност во жанрот, што ни покажува дека тие две нешта не се секогаш обратнопропорционални.
Познатиот македонски поет, есеист и преведувач Славе Ѓорѓо Димовски за збирката напиша: „Овој пат поезијата на Танчева се доживува како сведоштво на длабоко проживеано искуство проектирано во прочистен поетски дух. Лирскиот наратив диспонира постојани вибрации од доживувања до мислења, од пофалбите на еротското и телесното до меланхолични увиди во состојбите на танатосот, колку катарзично зашто сѐ минува низ болката, толку и исцелително бидејќи останува бледата линија на лузнатa како зарасната рана.“
Низ својата интерпретација, нив ќе ни ги доловат младите автори Милена Сиљаноска, Андреј Медиќ Лазаревски, Ирена Јурчева, Пепи Стамков и Ивана Јовановска. Влезот е отворен за сите љубители на добриот збор – на вечер исполнета со длабока поезија и искрен разговор за творештвото и за животот.





