Почнува националната кампања „Магијата е во знаењето“

Со панел-дискусија денеска во 10 часот во Домот на културата „Билјана Беличанец“ во Скопје ќе почне националната кампања „Магијата е во знаењето“ што ја организира Министерството за образование и наука. Кампањата почнува на 5 Октомври, Светскиот ден на учителите и е насочена кон подигање на јавната свест за суштинската важност на знаењето и незаменливата улога на наставниците во општеството.

Настанот ќе го отвори министерката за образование и наука, Весна Јаневска, а во дискусијата ќе учествува и претставничката на УНИЦЕФ во Македонија, Лесли Милер, деканката на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје, Билјана Камчевска, претставници на академската и наставничката заедница. Тие ќе разговараат за институционалниот пристап кон образованието, за статусот на наставниците, нивните предизвици и потреби, како и за начинот на кој општеството ги вреднува нивната посветеност и влијание.

Во рамки на настанот, МОН и Сојузот на просветните работници на Македонија ќе ги доделат и признанијата „Просветен работник на годината“ за учебната 2024/2025 година, како чин на јавно признание, но и симбол на поширока заложба за градење општество кое активно ја поддржува и вреднува улогата на воспитувачите, наставниците и стручните соработници.

Сподели