„Среќен сум што дојдов на ова топло место, да настапам со овој прекрасен оркестар“, рече Курт Розенвинкел, еден од највлијателните современи џез-гитаристи кој неделава им приреди големо задоволство на љубителите на џез-музиката во Македонија. И уште еднаш потврди дека имаме врвен Биг бенд за светските сцени.

Курт Розенвинкел
Концертот го организираше Националниот џез оркестар. Публиката веќе се навикна на беспрекорната прецизност со која маестро Владимир Николов го води оркестарот. Тој е дел од тимот кој ги работел аранжманите за концертот на Розенвинкел кој премиерно беше изведен лани во Линколн центарот во Њујорк.

Владимир Николов
– Владимир ми помогна со аранжманите. Никогаш порано не сум пишувал музика за Биг бенд. Задоволство е да се биде тука и благодарен сум што Националниот џез оркестар ме покани – рече тој.
Концертот првпат беше изведен по тој во Њујорк. Розенвинкел со толкав фокус ги изведуваше своите дела, што на моменти делуваше како да е сам во универзумот.

На концертот солистички настапија Сенад Усеин на труба, Гордан Спасовски на пијано, саксофонистите Иван Иванов и Кирил Кузманов, Виктор Филиповски, Кирил Туфекчиевски на контрабас, младите трубачи од Србија, Аљоша Закиќ и Лазар Шаренац.

Заедно ги изведоа Chico and Harriet, Omage Amici, Filters, Another Time, Sagres Family, The Past Intact … Скопје доживеа уште еден светски концерт.

(В.И.И.)
Фото: Маја Аргакијева





