Со „Страдањата на Исус“ почнува 16. издание на „Панфиз“

Три претстави ќе бидат изведени на 16. Интернационален фестивал на пантомима и физички театар „Панфиз“ кој од вечерва до сабота ќе се одржи на малата сцена на Македонскиот народен театар. Фестивалот ќе биде отворен вечерва во 20 часот со гостинот од Швајцарија, Дамир Дантес и 90-минутната пантомима „Страдањата на Исус“. Претставата како тема ги обработува најважните случувања од животот на Исус, а сето тоа преточено преку јазикот на пантомимата. Патување 2000 години назад во минатото, моќно, поетско, драматично, трогателно.

На програмата утревечер од 20 часот е младата актерка од Србија, Нада Милошевиќ, со својот буто перформанс „Суштество“, во кој како егзистенцијален предизвик се поставува истражувањето на скриениот архетип на битието, изгубено во сопственото опкружување.

Задутре од 20 часот ќе настапат гости од Романија со својата претстава, физички театар, танц и пантомима Hommo Love. Претставата како соло актер ја води Пол Цимпоеру, потпомогнат од својата партнерка Алина Пентак, е претстава за љубовта која секогаш и сегде ни се случува и нè канат, не да ја видиме, туку да ја почувствуваме…

Годинава „Панфиз“ има ревијален карактер, а билетите за претставите и годинава се бесплатни. Публиката може да си ги подигне секој ден од 14 часот, на билетарницата на МНТ и пред почетокот на секоја од претставите.

Сподели