Почина Дејвид Линч, американскиот писател и режисер на култните Mulholland Drive, The Elephant Man, Twin Peaks. Имаше 78 години. Семејството ја објави веста на неговата официјална страница на Фејсбук.
„Се создаде голема дупка во светот сега кога тој повеќе не е со нас. Но, како што тој би рекол: ,Внимавајте на крофната, а не на дупката’… Денот е преубав со златно сонце и сино небо до крајот на хоризoнтот.“
Во неговата кариера Линч имаше три номинации за Оскар за најдобар режисер за неговата работа на Blue Velvet, The Elephant Man и Mulholland Drive.
Последен голем проект му беше Twin Peaks: The Return, кој беше емитуван во 2017 година и ја продолжи ТВ серијата што се емитуваше две сезони во раните 1990-ти. Многу од неговите филмови беа познати по нивниот надреалистички стил, како од соништата.
Eraserhead, неговото прво големо издание во 1977 година, беше исполнето со темни, вознемирувачки слики. Ја освои престижната „Златна палма“ на Канскиот филмски фестивал за Wild at Heart во 1990 година. Во 2020 година кога му беше доделена почесната награда „Оскар“.
Линч лани во август откри дека се борел со емфизем, хронично заболување на белите дробови, од „многугодишно пушење“. Режисерот тогаш рече дека и покрај дијагнозата, тој е во „одлична форма“ и дека „никогаш нема да се пензионира“. Состојбата му се влоши за неколку месеци и во ноемвриското интервју за магазинот People рече дека му треба кислород за да оди.
Роден во Мисула, Монтана, Линч најпрво започнал кариера во сликарството пред да се префрли на снимање кратки филмови во текот на 1960-тите.
Насловна фотографија: Принскрин/Извор





