По долго боледување во Скопје почина композиторот и диригент Кире Костов. Имаше 73 години. Автор е на многу композиции, но публиката ќе го памети по „Летај галебе“, „Кога те нема“, „Тајно моја“ и многу други. Беше долгогодишен член на Сојузот на композитори на Македонија.
Костов е роден 1949 година во Битола каде завршил средно музичко училиште. Натамошното школување го продолжил на Музичката академија во Белград, а потоа и на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Од 1970 до 1988 година бил прв трубач и солист на Танцовиот оркестар на тогашната Радиотелевизија Скопје, а од 1988 година до 2010 година и негов диригент. Како единствен претставник на тогашна Југославија, учествувал во Бигбендот на Европската радиодифузија, кој бил составен од по еден инструменталист од секоја земја од Европа. Кире Костов таа година бил прогласен како најдобар трубач-инструменталист во Југославија и бил избран да ја представува земјата во тој оркестар.
Автор е на околу педесетина композиции во оркестарска изведба од областа на џезот межу кои Акварел, Бела ноќ, Македоска суита 1 и 2, Нени, Травелинг и други. Од областа на популарната музика има околу тристотини наслови како што се Летај галебе, Кога те нема, Твоите очи сине, Синот божји, Тајно моја, Илузија, Кој да ти каже, Што те нема и многу други.
Бил еден од основачите на фестивалот за деца и млади „Си-До“ кој се одржуваше во Битола од 1991 до 2000 година. Бил уметнички директор на „Интерфест“ во Битола. Добитник е на бројни награди и признанија.
Фото: Принтскрин/Јутјуб





