„21 ден до крајот на светот“ на Теона Стругар-Митевска на Венецискиот филмски фестивал

Независниот филм „21 ден до крајот на светот“ на режисерката Теона Стругар-Митевска, копродукција помеѓу Македонија и Белгија, ќе биде прикажан на годинашниот Филмски фестивал во Венеција, во рамките наво програмата „Денови на авторите“. Програмата годинава одбележува 20 години од своето постоење, а создадена е од Италијанската асоцијација на режисери и автори. Таа е пандан на Канската програма „Режисерски две недели“ и целта е да се сврти вниманието кон висококвалитетно кино, без никакво ограничување, со посебна грижа за иновативност, истражување, оригиналност и независност.

Селекторите на оваа фестивалската секција која го промовира авторскиот филм го вклучија „21 ден до крајот на светот“ во програма како неверојатно смел и искрен експериментален филм на автор кој секогаш изненадува. Што би направиле ако ви останат уште 21 ден живот?

Ова е смел филм, вознемирувачки искрен, со застрашувачка меланхолија во себе, речиси непријатно за гледање. Смел, импулсивен и храбар, режисерот стои гол, изложувајќи го сето тоа.

Теона Стругар-Митевска

Стругар-Митевска објаснува дека сè почнало со изолацијата за време на Ковид.

– Вознемиреноста беше во воздухот, но целото семејство беше среќно во заедничката куќа надвор од Скопје, до денот кога умре нашиот чичко. Јас, сите бевме опкружени со смрт и стравот беше нашиот водич. Што ако нема утре, дали ја прифаќам сопствената кршливост, дали ќе умрам сама, дали ќе го оставам светот како што е, ќе се осмелам ли да одам на другата страна, ако има друга страна… Сиве овие дилеми ми ја стуткаа главата и со тоа ја доживеав неопходноста да се повлечам во себе и да се вратам во некоја исконска, сурова состојба на битието. Мојот концепт беше едноставен: ќе бројам 21 ден напред, што е еднакво на 21 дневно размислување за мојот живот. Во тој процес, пишував, снимав и ја создавав мојата најлична работа – вели Стругар-Митевска.

Најзиниот вом „Најсреќниот човек на светот“ лани помина одлично на Венецискиот филмски фестивал. Во последните две недели освои дури четири награди, две на Бриселскиот интернационален филмски фестивал и на тукушто завршениот филмски фестивал во Пула.

Сцена од „Најсреќниот човек на светот“

Според Бојан Лазаревски, директор на Агенцијата за филм, македонскиот филм успева да има постојаност на најголемите филмски смотри, со тоа што секоја година македонскиот филм е присутен на сите европски фестивали.

За продуцентката Лабина Митевска, да се биде во Венеција по втор пат во две години е огромна работа за секоја кинематографија, а камоли за македонската.

– Вакви успеси во континуитет не се вообичаени и за поголеми кинематографии и Македонија може да биде само горда. Да се биде во селекција која ги негува авторите и која секогаш била насочена кон авторството е голема чест. Селекторите речиси ја прогонуваа Теона да го доврши и технички доуреди филмот за да го вклучат во програмата. Овој филм е поразлично од сè она што сме го виделе од Теона. Овој филм е нејзин експериментален личен дневник, создаден како комплетно независна продукција, со најминимални финансии – вели Митевска.

Сподели