Победа! Талентираните ученици добија системска поддршка од државата

Измените на Законот за средно образование пратениците во Собранието, по брза постапка, го усвоија на 8 април

Талентираните средношколци добија системска поддршка од државата, со донесувањето на измените на Законот за средно образование кој пратениците во Собранието, по брза постапка, го усвоија на 8 април. Со тоа се реши проблемот кој повеќе од десет години им задаваше главоболки на менторите и на семејствата на талентираните ученици. Тие често беа во ситуација самостојно да ги плаќаат котизациите за меѓународни натпревари и скапите авиобилети до далечни земји, иако талентите се натпреваруваа под знамето на Македонија и редовно се враќаа со медали и врвни достигнувања. Проблемот беше што Законот за средно образование не предвидуваше финансиска поддршка за вакви намени. Ситуацијата беше особено драматична лани, кога се укина Агенцијата за млади и спорт која намируваше дел од овие трошоци.

Со измените на законот се надминуваат и недоследностите според кои универзитетските професори што ги подготвуваат средношколците за натпревар не можеа да добијат награда што им следува затоа што правилникот налагаше тие да бидат вработени во средно училиште.

Умно.мк со години ја следеше голготата со која македонските тимови редовно се соочуваа.

Со измените на Законот се менуваат многу нешта. Ова се дел од измените:

– МОН за освоено прво, второ или трето место, односно златен, сребрен или бронзен медал, на ученикот, наставникот кој му го предава предметот и на менторот кој го подготвува ученикот за меѓународен натпревар од областа на математиката, информатиката и природните науки (во натамошниот текст; меѓународниот натпревар), поединечно им доделува парична награда во износ до 100 отсто за освоено прво место/златен медал, до 80 отсто за освоено второ место/сребрен медал и до 60 отсто за освоено трето место/бронзен медал од просечната нето-плата исплатена по работник во Републиката во претходната година.

– МОН за освоен златен, сребрен или бронзен медал на една од 15 меѓународни научни олимпијади (International Science Olympiad), на ученикот, наставникот и на менторот поединечно им доделува еднократна парична награда во износ од пет просечни нето плати за освоен златен медал, четири просечни нето плати за освоен сребрен медал и три просечни нето плати за освоен бронзен медал.

– МОН, на барање на акредитираните здруженија на наставници за учество на олимпијади, може во текот на една година да ги покрие трошоците за котизација и пат на најмногу шест ученици и најмногу двајца ментори за учество на по една олимпијада, чиј број зависи од правилата на организаторите на меѓународната олимпијада.

– За покривањето на трошоците, МОН објавува јавен повик на својата интернет страница во првите три месеци од годината, на кој поднесуваат барање акредитираните здруженија на наставници за учество на олимпијади.

– На акредитирано здружение на наставници – организатор на меѓународна олимпијада која се одржува во Македонија, МОН може да му додели средства за трошоците за организирање на меѓународната олимпијада, по поднесено барање до Министерството. Ќе бидат доделени до 10 отсто од вкупната сума на средства за трошоците за организирање на меѓународната олимпијада, но не повеќе од 10.000 евра во денарска противвредност на денот на исплатата.

– МОН може, на талентиран и надарен ученик од основно образование, кој учествувал на меѓународна олимпијада или натпревар за ученици од средно образование и освоил прва, втора или трета награда или златен, сребрен, односно бронзен медал на меѓународна олимпијади или натпревари, како и учествувал и освоил прво место на натпревар на државно ниво за ученици од средно образование, да му додели еднократна награда во висина од просечна нето-плата.

Целиот Закон за средно образовани со измените на линкот.

Насловна фотографија: Архива / Извор: СММ – Македонскиот тим на Интернационална математичка олимпијада

Сподели