По 21 година, откажан ОФФест поради малата поддршка од Министерството за култура

По 21 година, ОФФест кој беше предвиден да се одржи од 7 до 10 јуни, нема да се одржи, известија од Скопскиот џез фестивал. Причината е малата поддршка од Министерството за култура на Годишниот конкурс за проекти од национален интерес, односно 1 милион денари. „Оваа сума е за половина скратена од ланската и не овозможува ниту најминимални финансиски услови за одржување на ОФФест“, велат од фестивалот.

– Немаме намера да поднесуваме жалба до второстепената комисија и да се изложуваме на натамошни понижувања, кои и со поддршката често ги имавме со Министерството за култура во изминатите години. Лани, на пример, вложивме жалба на 1 март, ОФФест се одржа на почетокот на јуни, а одговор на жалбата (се разбира негативен) добивме на 19 септември. Ние знаеме дека на овој конкурс имаме приложено исклучително квалитетни апликации и дека средствата што биле на располагање во оваа дејност не биле намалени во споредба со минатата година. Немаме намера да ја коментираме програмата, која, според Законот за култура, ја донесе министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска, ниту пак да се впуштаме во некакви споредбени анализи. Тоа е наполно бесмислено сè додека квантитетот на одобрените проекти е замена за оценката што е, а што не е, национален интерес во културата, според критериуми и квалитет, со конечно напуштање на популизмот и антиевропските политики во културата, присутни во Годишната програма – велат од фестивалот.

На ОФФест му останува пријатната обврска да го реализира, заедно со уште 11 еминентни европски фестивали, четиригодишниот проект „Sounds of Europe”, поддржан од Европската Унија (преку програмата „Креативна Европа“). Овој проект, меѓу другото, ќе им овозможи гостување на македонските музичари на бројни европски сцени, објаснуваат организаторите.

Тие негодуваат и за поддршката за Скопскиот џез фестивал, каде што исто така имаат намалени средства.

– Ако во конкретниот случај на министерката не ѝ се познати долгогодишниот програмски растеж и континуираниот висок квалитет на фестивалите како ОФФест и Скопскиот џез фестивал, јасно признаени кај нас, а уште повеќе во светот, има за тоа на дофат опсежни материјали во самото Министерство, како дел од апликациите по годишните конкурси и програмските и финансиски извештаи.

Сподели