Дамјан Цветановски: Само добри претстави ќе ја вратат публиката во театрите

Во „Чудна случка со кучето во ноќта” мојот лик од мене побара да заборавам на себе и мојата природа, а во „Сите сме птици” се навратив на некои одамна заборавени мисли и чувства. Два незаборавни процеси!

Дамјан Цветановски е актер со посебен сензибилитет. Артист кој умее лесно да се трансформира и да влезе од чевлите на еден во друг лик. Непосреден и ненаметлив, за Цветановски 2022-та беше актерска година каква што секој би посакал. Дипломец на Факултетот за драмски уметности во Нови Сад, денес актер на Драмскиот театар, Цветановски ја имаше својата последна премиера на сцената на Македонскиот народен театар во Скопје, во претставата „Сите сме птици“ во режија на Слободан Унковски.

Во „Сите сме птици“ играте главна улога и тоа во годината во која имавте неколку големи проекти. Исклучително комплексна драматургија и голем товар на Ваши рамена што одлично го износевте. Каков предизвик беше оваа претстава и Вашата улога?

– Минатата година беше исполнета со проекти и предизвици и би сакал секоја наредна да е барем со толку голем набој како оваа. Секој лик што го работам го гледам како предизвик. Некои ми се предизвик зошто самите ликови во текстовите имаат комплексни состојби и реплики, а некои ми се предизвици точно зошто немаат, па треба самиот да ги пронајдам и обработам. Еитан беше од оние ликови кои постојат и ги има во текстот, на мене беше само доследно да го проживеам.

Се вели дека добрите режисери умеат пред сè да го извлечат најдоброто од секој актер. Може ли да се навратите во однос на вашите искуства со создавањето на претставите „Чуднa случкa во ноќта со кучето“, каде соработувавте со Зоја Бузалковска и „Сите сме птици“ на Унковски?

– Овие два процеса ми беа едни од најважните во мојата професионална кариера. Едниот („Чудна случка со кучето во ноќта”) заради самиот лик кој од мене побара да заборавам на себе и мојата природа и другиот („Сите сме птици”) кој од мене побара да се навратам на некои одамна заборавени мисли и чувства. Во секој случај, два незаборавни процеса.

„Чудна случка со кучето во ноќта“ ја имаше својата премиера кон крајот на 2021 година. Работевте претстава според исклучително важен драмски текст и тема – предрасудите кон лицата со аутизам и со попречености. Верувате ли дека со уметноста, со театарот можеме да допреме до тоа мрачно место наречено предрасуди?

– Секогаш е чест кога се работи текст кој обработува исклучително важна општествена тема. Не знам дали нашите обиди да осветлиме некои теми прават разлика или не, но на нас е неуморно секој пат како да ни е прв, да се обидуваме да им дадеме платформа на темите за кои ние како уметници сметаме дека треба да се разговара и размислува. „Сите дрини се криви и ние нема како да ги исправиме, но не треба никогаш да престанеме да се обидуваме“, рекол Иво Андриќ. Мисла која ја држам блиску до себеси.

Дел сте и од тимот на Импров група. Задоволен ли сте како се развива оваа група и каква врска создава со својата публика?

– Многу сум задоволен од растот и развојот на импров групата Настап. Ја гледам и чувствувам како свое чедо, нешто што сме го почнале од нула, за љубов, нешто кое самата публика го препознала како кавалитет и кое самата публика го довела до ова што е. Најголемиот предизвик за секој актер е импровизација пред публика. Многу ми е драго што сум дел од таква група.

Ковидот си го направи своето, публиката подолго време беше надвор од театрите. Што треба да направиме за да ја вратиме назад, кој е според Вас патот до неа?

– Само добри претстави ќе ја вратат публиката во театрите. Важни теми работени од добри режисери со соодветни подели на актери кои работат во достојни услови со пари колку што се предвидени за таква претстава. Организирани програми и добри претстави, само тоа ќе го врати некогашниот сјај на театрите. И некои нови вработувања.

Што Ве очекува годинава? 

– Проект кој со нетрпение чекам да почнам да го играм е „Емигранти“ во режија на Зоја Бузалковска кој го работев со актерот Григор Јовановски. Исклучително талентиран и посветен актер и колега, благодет за секој кој со него соработува. Тема која слатко ќе нè насмее и која горко ќе не подзамисли. Тема за убавината и проклетието на татковината и на домот. Очекуваме да ја играме претставата во Драмски театар во Скопје од сезона.

Сподели