По 15 години обновено стручното студентско списание на Правниот факултет во Скопје

Во времиња кога вештачката интелигенција го презема просторот за пишување, списанието Iustinianus Primus Student Law Review се враќа по повеќе од 15 години неактивност и ќе служи како потпора за усовршување на вештините на академско пишување кај нашите студенти. Ќе биде платформа за изразување на ставовите на студентите на стручни теми од програмите на кои студираат, порачаа претставници од Уредувачкиот одбор на стручното студентско списание „Iustinianus Primus Student Law Review – IPSLR“ чија промоција се одржа вчера на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.

Обновувањето на списанието е резултат на одборот составен од професори и студенти, по иницијатива на Факултетското студентско собрание (ФСС-ПФ), со поддршката на Деканатот на факултетот.

Деканот, проф. д-р Сашо Георгиевски истакна колку се благородни настаните организирани „од студентите за студентите“ и дека факултетот секогаш ќе ги поддржува иницијативите кои придонесуваат за напредокот на студентите. Главниот уредник, проф. д-р Александар Љ. Спасов, се осврна на подготовката на списанието и истакна дека веќе е објавен и повикот за вториот број на списанието. Претседателот на студентското собрание на Правниот факултет, Данило Крстовски стручното списание го гледа како можност преку која студентите ќе се стекнат со вештини за академско пишување, но и одговорност и повик кон сите студенти, да се осврнат и посветат време кон истражувачка работа, развивајќи ја својата критичка мисла.

Студентското стручно списание ќе овозможи простор студентите да адресираат прашања поврзани од студиските програми кои се студираат на факултетот: право, политика, односи со јавност и новинарство. Тоа е пандан на меѓународното научно списание на Правниот факултет „Iustinianus Primus Law Review“ и е едно од ретките стручни списанија на студентите во државата.

Сподели