4 милиони денари за заштита на „Успение на Пресвета Богородица“ од 13 век во Трескавец

Со 4 милиони денари ќе почне конзервацијата и реставрацијата на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ од 13 век во манастирот Трескавец, Прилепско. Споменичкиот комплекс вчера го посетија министерот за култура и туризам Зоран Љутков и државниот секретар Марија С. Ѓоргова. Во изминатиот период беа реконструирани и опожарените конаци и се овозможи враќање на монашкото братство во манастирскиот комплекс.

– Проектот се финансира како една од капиталните инвестиции на Владата и на Министерството за култура и туризам. Основниот проект за санација и конструктивна консолидација на црквата, отстранување на влагата и реконструкција на подот е во завршна фаза. Очекувам наскоро да се обезбедат сите дозволи за да почне реализацијата. Догодина ќе се работи и на проектот за конзервација на живописот во црквата – рече Љутков.

Во проектот ќе будат вклучени стручни лица од Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Прилеп, Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун, Заводот и музеј од Битола, Националниот конзерваторски центар, ИЗИС и од Градежниот факултет од Скопје. Љутков се заблагодари на сите учесници во проектот и на експерти во областа на заштитата од Грција кои вчера направија увид во состојбите на објектот.

Тој ги посети и црквата „Св. Благовештение“ и археолошкиот локалитет Стибера. Конзервацијата и реставрацијата на црквата треба да завршат до крајот на годинава. На Стибера се активности за тековно одржување на локалитетот. Археолошките истражувања ќе продолжат кон крајот на август. Во однос на состојбите со Центарот за култура „Марко Цепенков“, Љутков рече дека за кратко време ќе биде постапено по забелешките од Државниот завод за заштита и спасување и објектот повторно ќе биде ставен во функција.

Сподели