По 14 години Гевгелија е повторно Град на културата

Гевгелија е Град на културата за 2025 година, соопшти Министерството за култура и туризам. Министерот Зоран Љутков денеска го посети градот и се сретна со градоначалникот и тимот одговорен за манифестацијата.

– Гевгелија со својата локација и природни убавини привлекува бројни туристи. Со статусот Град на културата ќе понуди нови искуства и можности за уживање, ќе ги инспирираме младите, ќе ги охрабриме уметниците и ќе го промовираме нашето културно наследство. Очекувам нови уметнички проекти, културни настани и иницијативи што ќе ја заживеат Гевгелија и ќе ја позиционираат на мапата на културни дестинации во регионот и пошироко – рече Љутков.

Тој додаде дека признанието не е само чест, туку и обврска и ја потенцира инвестицијата од 40.675.095 денари за комплетна реставрација на Старата чаршија, со што Гевгелија ќе добие нова визуелна и функционална димензија.

– Овие проекти ќе ја подобрат инфраструктурата и ќе создадат простор за културни настани и уметнички проекти, со што ќе се негува традицијата и ќе се поттикнат нови културни трендови – вели Љутков.

Гевгелија беше Град на културата во 2011 година.

Сподели